Изборите и идеалната држава
19 февруари 2020Ете и тоа се случи. Се самораспушти овој собраниски состав кој по многу нешта ќе остане запаметен во историјата. Што се не ни се случи во овој период. Ако почнам да набројувам ќе изгледа надреално, филмски, ненормално... Затоа ќе останам само на тоа, се распушти овој историски состав на парламентот. Избори се ближат. Како што беше историски овој состав на парламентот, така историски ќе бидат и овие избори. И ќе видите, сите тоа ќе го потенцираат во кампањата.
Како и на сите претходни избори, како и во секоја друга демократска земја, повторно ќе се судрат двата пола. Левиот и десниот, северниот и јужниот. Како сакате. Проблемот е што двата пола, двете партии, овој пат се најоддалечени. Како никогаш порано, подготвени се да се уништат. Секоја нормална дискусија, на нормална тема завршува со бурна расправија и нетрпеливост. Ова се пренесува и кај граѓаните, па неретко и тука се водат жолчни дискусии кои никогаш не доведуваат до усогласување, туку напротив секогаш водат до уште поголем раздор. Како и да е, на овие избори многу е веројатно таа поларизација и нетрпеливост да кулминира помеѓу двата блока и со тоа да ги одврати од гласање оние кои не припаѓаат на ниту еден политички блок.
Условена излезност
Од тие причини очекувам значително помала излезност во споредба со претходните парламентарни избори. На луѓето како да им е преку глава од партиите и од нивната жед за власт, крв и моќ. Оваа рана прогноза за излезноста може да претрпи промена доколку се случат некои покрупни промени или поместувања како на пример доколку добиеме датум за почеток на преговори. Во тој случај очекувам дел од оние кои се разочарани сепак да излезат и со тоа да придонесат за поголема излезност.
Претходни колумни од авторот:
- Четиридневна работна недела
Влезот во НАТО не очекувам да има поголем ефект на овој план, од причина што тоа некако сите го гледаат како завршена работа. Така е тоа кај нас, може 30 години да мечтаеш, да копнееш по нешто и тогаш кога ќе го добиеш повеќе да не му придаваш таква важност. Сум го искусил тоа во мојата политичка кариера. Повеќе од 40 години кај нас се зборуваше за потребата од државна кардиохирургија, сите ја ветуваа, но претходно никој ја немаше основано. Додека бев министер за здравство, ја основавме, ја изградивме, одлично профункционира и гледам дека сеуште одлично функционира, но не гледам дека било кој на тоа му дава големо значење. 40 години се менувале голем број министри, доктори, но никој не успеал да ја направи, а ете кога ја направивме како да тоа се заборави и никој не обрнува повеќе внимание на тоа дека државна кардиохирургија постои. Така и за нашето членство во НАТО, кое несомнено е далеку поважно од постоењето на државната кардиохирургија, но ете и тоа кога ќе се случи, одговорот на повеќето ќе биде, е добро де, тоа е завршена работа. А нашето членство во НАТО, по важност, според мене, е еднакво со важноста на нашата државност и независност. Можеби тоа некој не го гледа така, ама јас сметам дека нашето членство во НАТО сериозно го зајакнува темелот на нашата државност. Во овој правец ми е и претпоставката дека, не на овие, но можеби на следните избори исто ќе биде третирано и вреднувано и прашањето за отворањето на преговорите за наше членство во ЕУ, ако, дај боже, тоа го добиеме оваа пролет.
Граѓанинот и господарот
Кога ќе наближат изборите народот доаѓа во преден план. Ова е така затоа што народот е господар на државата само за време на избори. Ова се петте минути на граѓаните кога толку моќните и понекогаш недопирливи политичари се симнуваат на земја. Ова сум го чувствувал секогаш за избори. Кога ќе му го вратиш мандатот на Граѓанинот, сфаќаш колку си неважен и мал, колку си зависен од секој еден глас од секој еден човек. Запомнете, тој политичар што ќе научи вака да се однесува и ова да го чувствува додека е на власт е вистинскиот избор.
За време на избори се добива една илузија за идеална држава. Држава во која Граѓанинот е господарот, а господарот е понизен, учтив, приземјен. Ова е период кога за кратко се менуваат улогите.
Исто така за време на избори платите и пензиите растат, образованието и здравството цветаат, инфраструктурата се гради, социјалците се среќни, воздухот се чисти, криминалците се затвораат, судството се оправа, вработеноста се зголемува, а невработеноста паѓа, економијата цвета, државата станува меѓународно почитувана, администрацијата ефикасна. Паѓаат и даноците, се гради железницата, стотици километри автопати, младите се враќаат, се ветуваат вработувања, се гине за партијата. Го знам ова од прва рака. И јас сум ја ветувал идеалната држава, а сега ќе ми ја ветуваат мене. Затоа, сега му е мајката народе. Поуживај малку во идеалната држава во која никогаш нема да живееме.
Голтање на суетите
Мојот пристап во политиката е критика проследена со предлог. Не сакам кога слушам само критика. Кој само критикува, да знаете, народски кажано, не го бива. Најлесно е да критикуваш. Тешко е нешто да направиш. Уште повеќе, нешто да промениш. Затоа на овие избори многу внимателно следете ги предлозите, решенијата и проектите. Апстрахирајте се од негативната кампања. Таа е неважна и има за цел нешто да прикрие, да покрие нечија неинвентивност. Внимавајте и со очекувањата. Буџетот на државата е ограничен и нема да може да се направи ни половина од тоа што ќе слушнете дека се ветува. Очекувањата треба да бидат рационални и во согласност со можностите.
За да бидам доследен кон мојот пристап - критика проследена со предлог, ќе си дозволам да дадам еден предлог за натамошното функционирање на државата. Мислам дека после овие историски избори најдобро за државата и за граѓаните би било доколку после изборите поразениот достоинствено му честита на победникот. Би било одлично ако победникот, витешки ја прифати победата и потоа ја покани поразената партија да му се приклучи во владата. Да, мислам дека би било добро доколку се смогнат сили и се голтне суетата, па после овие избори да се формира голема коалиција која ќе ја води земјата во процесот на преговори со ЕУ, која ќе ја намали толку изразената поларизација и нетрпеливост, која ќе работи на помирување помеѓу граѓаните и партиите. Голема коалиција базирана на најдобрата понуда од двете партии. И од аспект на човечки потенцијал, но и од аспект на проекти и решенија. Зошто ова го предлагам сега? Затоа што најпрво сакам чисти и фер избори, без инциденти или не дај боже повредени. Второ, затоа што ова можат да бидат нашите златни години. Анализата покажува дека земјите кои пристапиле кон НАТО имале одличен и брз развој, најмногу во периодот од влезот на земјата во НАТО до влезот на земјата во ЕУ. Тоа се тие златни години. Ако сме заедно и сплотени, многу побрзо ќе ги затвораме поглавјата со ЕУ, многу подобро ќе се развива економијата, ќе се намали поларизацијата и нетрпеливоста, ќе се избегнат политичките кризи кои, признале ние или не, сериозно се одразуваат на економијата, но и на целокупниот амбиент во државата. Затоа мислам дека би било добро кога вакво нешто би се реализирало, иако се плашам дека е малку веројатно, особено анализирајќи ги суетите на мачо политичарите кои најчесто се жртви на сопствениот центар за комуникации и партиската дневна стратегија за односи со јавноста.
Отрезнување
Ние сме во политичка криза или политичка тензија долг временски период. Мораме малку да се отрезниме и да ја направиме државата нормална. Ако работиме заедно, не е недостижно Република Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ за 5-6 години. Но, ако вака продолжиме, раскарани и во тензија, овој период може да трае многу подолго. Која и партија да победи. Затоа е потребно да се размисли и да не се отфрли оваа опција на прва.
Трите основни вредности во животот се умереност, мудрост и храброст. Умереноста треба да резултира со мирни и фер избори, мудроста со квалитетни програми и проекти, а храброста со подадената рака на поразениот. За мене храброст е и да се успее во тоа умот да и се спротивстави и да ја победи суетата.