Изборите во Србија и коронавирусот: фокусот на интернет?
12 март 2020Во Србија досега се регистрирани 18 случаи на заразени со коронавирусот и тоа е причина поголемиот дел од партиите да ги стопираат предизборните активности. Владејачката Српска народна партија (СНС) сооопшти дека ги откажува сите предизборни собири до 1 април, за да се избегне ширење на коронавирусот.
Опозицискиот Сојуз за Србија исто така информира дека сите политички организации кои се вклучени во Сојузот донеле одлука на неопределено да ги одложат сите планирани собири во рамки на кампањата за бојкот. Движењето на слободни граѓани (ПСГ) исто така соопшти дека нема да учествува во јавни собири, протести и слични настани додека трае опасноста од ширење на коронавирусот во Србија. Во ова спаѓаат трибини, протести и други јавни активности кои биле планирани во рамките на нивната кампања низ земјата. Партиските собири до 1 април ги откажа и Социјалистичката партија на Србија (СПС).
Откажани јавни собири
Како што изјави во медиумите претседателот на Србија, Александар Вучиќ во моментов нема да има прекин на наставата во училиштата, но се забранети собири во затворен простор во кој има повеќе од 100 лица. Вучиќ истакнува дека овие одлуки се донесени по препорака на експертите. Протести на отворено не се забранети. Спортските натпревари во кошарка, ракомет и одбојка ќе се играат без публика, додека на фубалските натпревари публика е дозволена – но препораката на докторите е оние кои одат на натпревар задолжително претходно да мијат раце.
Кампања на пауза
Извршниот директор на Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД), Бојан Клачар за ДВ вели дека „одлуката на политичките партии политичката кампања да ја стават на пауза е очекуван, но и одговорен потег. Оваа одлука е добра за да се остави време да поминат последиците од коронавирусот, така што не очекувам дека до 1 април ќе има некаква сериозна предизборна кампања,“ вели Клачар.
Претпоставката дека политичките партии сега ќе се фокусираат на онлајн кампања на социјалните мрежи и телевизиски настап, според Клачар, и не е толку извесна.
„Се сомневам дека партиите ќе вложат многу пари во онлајн приуството или во традиционалните медиуми во околности во кои изборите не се централна тема. Бидејќи несомнено тема број еден е коронавирусот, па оттука може да се очекува да имаме најмногу две до три недели предизборна кампања,“ проценува Клачар.
Друг тип на кампања
Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека политичките кампањи веќе некое време се променети, особено во однос на јавните собири.
„Собирите се повеќе дел од некаква инерција отколку што претстатвуваат функционален дел од кампањата. Кампањите сега повеќе се водат преку електронските медиуми, од врата до врата, и на некои други начини, а јавните собири се пред се некаков вид на покажување политичка сила,“ смета Анѓелковиќ.
„Сметам дека сепак нема целата кампања да се пресели онлајн. Пред се акцентот ќе се стави на печатените медиуми, делење пропаганден материјал и слично. И секако сметам дека електронските медиуми ќе имаат поголемо значење отколку што имаа во претходните кампањи,“ истакнува Анѓелковиќ за ДВ.
Без претставување на избирачите
Ако ја анализираме целата ситуација од некаков политички агол, сметам дека е ова добра вест за оние партии кои ги бојкотираат изборите, вели Клачар.
„Ваква рамка во која сите јавни собири се откажуваат им ги зголемува шансите на тие кои ја поддржуваат идејата за бојкот на изборите. Ова пак најмалку им одговара на партиите од опозицијата кои учествуваат на изборите – за разлика од владејачките партии кои имаат видливост, ресурси и голема поддршка, тие сега нема да имаат можност да им се претстават на избирачите,“ оценува извршниот директор на ЦЕСИД.
Повеќе:
СЗО прогласи пандемија: Како најдобро да се подготвите?
Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус
Коронавирус: Брзото тестирање е најдобра заштита
И Драгомир Анѓелковиќ исто така смета дека најголема корист од откажувањето на собирите поради коронавирусот имаат оние кои се за бојкот на изборите „бидејќи тоа е тема која може да ги дестимулира избирачите, а потоа тешко да се процени дали тоа се должи на страв од коронавирус или поради поддршка на бојкотот. Во зависност од излезноста најголема штета може да има власта, како и оние партии кои излегуваат на избори, а се борат за цензус,“ констатира Анѓелковиќ.
Можно е да се одложат изборите
Доколку ситуацијата околу ширењето на коронавирусот се искомпликува можно е и да се одложат изборите, за што зборуваше и претседателот на Србија. Александар Вучиќ не ја исклучува таа можност, но напоменува дека за тоа ќе разговара со партиите кои учествуваат на изборите. „Ако многу се влоши ситуацијата се знае кои се уставните овластувања. Дури и да дојде до поместување, тоа ќе биде за 2 или 3 недели”, вели Вучиќ.
Србија во тој случај секако би се нашла во непријатна ситуација, која може да се сфати како еден вид здравствено-политичка криза која би продолжила и по 26 април, што и натаму е важечкиот датум за изборите.
Бојан Клачар оценува дека „можеби е уште рано да се разговара за тоа и овој период на откажување некои активности до први април е всушност време во кое ќе се следи натамошниот развој на настаните околу коронавирусот. Прилично е комплицирано да се размислува околу одложување на изборите, бидејќи тоа е уставна категорија. А, Уставот јасно пропишува дека без воведување на вонредна состојба не може да се одложат избори”, нагласува Клачар.
Драгомир Анѓелковиќ забележува дека односот на Србија во голема мера ќе зависи и од некој глобален одговор на коронавирусот и додава дека „можно е ако се искомплицира ситуацијата и дојде до прекин на наставата и откажување на разни собири и манифестации, да дојде и до одлагање на изборите. Ова секако е глобален процес и оттаму не ветувам дека одлагањето на изборите би довело до некоја претерана политичка криза во самата Србија”, заклучува Анѓелковиќ.