Изборите во Авганистан во сенка на насилството
5 април 2014Во Авганистан денеска (5.04) се бира нов претседател на државата. Повеќе од дванаесет милиони луѓе се повикани да изберат наследник на досегашниот претседател Хамид Карзаи, кој по два мандата, според Уставот на земјата, нема право повторно да се кандидира.
Претседателските кандидати кои сега имаат најголеми изгледи се поранешните министри за надворешни работи Абдула Абдула и Салмаи Расул, како и поранешниот економист во Светска банка, Ашраф Гани.
Изборите се засенети од терористички бран насилство, кој трае повеќе недели. Вчера жртва на ваков напад беше и германската фоторепортерка Ања Нидрингхаус. Таа беше застрелана во нејзиниот автомобил од авганистански полицаец. Нејзината канадска колешка е тешко повредена.
Талибанците, имено, се обидуваат да ги попречат изборите со голем број напади. Тие им објавија војна на изборите и сеат страв за Авганистанците да не го искористат правото на глас. Меѓутоа, многу избирачи сакаат да го остварат ова свое право и покрај насилството.
„Јас ќе гласам“, вели 18-годишната Лејла. Таа студира економија на еден приватен универзитет. „Станува збор за тоа со овие избори да си ја формираме иднината. Иако е опасно, мора да одиме на избори. Поединецот не може да постигне мир. Секој Авганистанец мора да го сака мирот. Мора да бидеме обединети и да работиме за мирот“.
Владата на Авганистан ги стави во најголема степен на готовност 350.000 војници и полицајци во земјата. Рангин Дадфар Спанта, национален советник за безбедност, е свесен за опасноста. „Да се примени насилство, да се крева врева, да се шири страв, тоа е стратегијата. Тие не се во состојба да ја соборат владата, но се во состојба да предизвикаат големо насилство. Тие можат да убијат многу невини луѓе, но не можат да ја преземат владата.“
Авганистан стои пред првото демократско предавање на власта во својата историја. Изборите се сметаат за клучни и за идниот развој на земјата, пред сѐ во однос на повлекувањето на борбените трупи на НАТО до крајот на годинава.