Шолц им обезбеди победа на социјалдемократите
27 септември 2021Парализирачки молк во седиштето на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во изборната ноќ, славје и овации во седиштето на Социјалдемократската партија- ова како и многу други нешта на парламентарните избори во Германија упатува на тоа дека на земјата ѝ претстои промена на врвот на власта. Имено партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) го забележаа својот најлош изборен резултат досега во историјата на Сојузна Република Германија.
Рано утрината беа објавени и прелиминарните официјални резултати од гласањето: Според податоците на Сојузната изборна комисија: партиите на Унијата освоиле 24,1 проценти од гласовите (8,9 проценти помалку од 2017 година), СПД 25,7 (+ 5,2 поени). Зелените се на трето место со 14,8 проценти (+ 5,9), пред Либералната партија-ФДП со 11,5 (+ 0,8) и АфД со 10,3 проценти (- 2,3).
Со 4,9 проценти, иако го нема надминато цензусот од 5 проценти, партијата на Левицата влегува во новиот Бундестаг, само затоа што бидејќи има три директни мандати.
Нов рекорден број пратеници
Одзивот на гласачите на вчерашните избори беше 76,6 проценти - и со тоа малку повисок отколку во 2017 година. Невообичаено беше што во главниот град, Берлин, луѓето гласаа долго по 18 часот, бидејќи имаше долги редици пред избирачките места или недостасуваа гласачки ливчиња.
Сега е исто така јасно: новиот Бундестаг ќе има рекорден број пратеници, Според прелиминарните изборни резултати, германскиот парламент во иднина ќе има 735 пратеници. Досега имаше 709 - и тоа беше веќе беше историски најголем број на пратеници во Бундестагот.
Претстои коалициски покер
Со исходот на овие избори порасна и важноста на Зелените и либералите(ФДП), бидејќи тие стануваат пресудни за создавањето на идната владејачка коалиција во Германија. Имено сега предвид доаѓаат коалиции на партиите на Унијата со Зелените и со либералите, но и на СПД со Зелените и со ФДП. Засега се отфрла можноста за нова таканаречена голема владина коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД.
Дури во наредните недели или месеци ќе се покаже кои партии всушност ќе ја формираат идната федерална влада. Во 2017 година, ова траеше речиси половина година. Сега кандидатите за канцелар од СПД и на Унијата, Олаф Шолц и Армин Лашет, најавија дека тоа треба да се случи побрзо, односно до Божик годинава. Иако Шолц и неговата СПД се победници на изборите, сѐ уште не е јасно дали на крајот ќе победат и во трката за формирање на новата германска влада.