Избори во БиХ: стравот остана главен мотив на гласачите
8 октомври 2018Според нецелосните, официјални резултати за членовите на Претседателството на БиХ, кои ги објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина, во трката за бошњачки член на највисокиот орган најмногу гласови добил Шефик Џаферовиќ од највлијателната бошњачка политичка партија- СДА. Од редот на хрватскиот народ, убедливо најмногу гласови- 49,47 отсто, освоил Жељко Комшиќ, додека Милорад Додик од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) со 55 отсто освоени гласови е убедлив победник во српската етничка заедница.
СДА меѓу првите прогласи победа на изборите, а Џаферовиќ изјави дека ќе продолжи по патот по кој оди партијата предводена од Бакир Изетбеговиќ. „Ќе бидам задоволен ако бидам како него“, рече Џаферовиќ.
Прогласувајќи победа, претседателот на Демократскиот фронт (ДФ) Жељко Комшиќ порача дека подеднакво ќе им служи на сите, без оглед за кого гласале. „На Хрватите во БиХ сакам да им порача дека нашиот уставен систем е таков и јас сум повторно на ова место. Јас сум ваш претседател, без разлика дали сте гласале за мене или не“, рече Комшиќ.
Неизвесност во РС?
Изборната трка е најнеизвесна во Република Српска, иако кандидатот на СНСД Милорад Додик прогласи победа на изборите за Претседателството на БиХ. Тој рече дека со избраните претставници на бошњачкиот и хрватскиот народ ќе соработува „доколку се почитува Уставот“. „Во БиХ може да се постигне напредок доколку еднакво се почитуваат сите, без мешање на странците“, рече Додик.
Неговиот главен противник Младен Иваниќ укажа на „нелогичности“ во изборниот процес и на следниот начин ги прокоментира изборните резултати: „Јас победив во градските средини, а Додик во селските“, рече Иваниќ. Тој и неговиот коалициски партнер Вукота Говедарица не ја признаваат победата на СНСД.
Политичките аналитичари воглавно се согласни во оценката дека резултатите од општите избори не најавуваат позначајни промени на политички план, бидејќи односот на силите не е суштински изменет. „Националните партии и натаму имаат најголема поддршка, а гласачите се однесуваат како да им е добро во ваква БиХ“, вели политичкиот аналитичар Ибрахим Прохиќ.
Во коментар за ДВ, Прохиќ истакнува дека лидерот на ХДЗ БиХ Драган Човиќ најзаслужен за победата на Жељко Комшиќ. „Да не беше Човиќ, Комшиќ немаше да влезе во Претседателството на БиХ. Соработката на Човиќ со Додик, со истакнување на деструктивната политика кон БиХ, и заканата со фамозниот план Б, го доведоа Комшиќ во Претседателството на БиХ“, вели Прохиќ. Тој не е оптимист во поглед на промената на политичката клима во земјата. Истакнува дека стравот и натаму е еден од клучните мотиви, не само на изборите, туку и во другите процеси.
Според податоците на ЦИК, на изборите во БиХ гласале 53,26 отсто од граѓаните со право на глас, нешто помалку во однос на претходните избори, кога излезноста била нешто над 54 проценти. Најголема излезност и овојпат е забележана во помалите средини. На изборниот ден, коалицијата на набљудувачи „Под лупа“ евидентираше 400 инциденти, а забележани се и привремени прекини во гласањето. Но, од коалицијата велат дека забележаните неправилности не можат да ја доведат во прашање регуларноста на изборите.