1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборен парадокс: Победата како пораз и обратно

12 декември 2016

ВМРО-ДПМНЕ се прогласи за победник, но ги прокнижи најлошите резултати досега, далеку под очекуваните 63 мандати. ДУИ прослави „Пирова победа“ со преполовена доверба кај гласачите. Кои се вистинските победници?

https://p.dw.com/p/2U7Vu
Mazedonien Parlamentswahl Siegesfeier der Opposition
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Разликата меѓу гласовите на двете најголеми партии во македонскиот блок е 16.240 гласа, покажуваат податоците што Државната изборна комисија (ДИК) ги објави на нејзината веб-страница, од обработени 99, 72 отсто гласачки места. ВМРО-ДПМНЕ освоила 452.709 гласа или 38,06 отсто, а СДСМ  436.469 гласови или 36,69 отсто. ДУИ прослави „Пирова победа“ со драматично преполовена доверба кај гласачите (86.812), а секогаш „втората“ ДПА сега е четврта (31.017), зад движењето „Беса“ (57.927) и зад Алијансата за Албанците (35.091).

„ВМРО-ДПМНЕ освои околу 15 илјади гласови повеќе од СДСМ на предвремените парламентарни избори, покажуваат првичните резултати“, информираше три часа по полноќ претседателот на ДИК, Александар Чичаковски. Тој најави дека во текот на денот ДИК ќе излезе со конечни резултати и со распоред на пратеничките мандати. Аналитичарите не можат да ја направат проценката.

„Некаде 100 или 200 гласа може да бидат решавачки“, вели Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). 

Симулација на освоените мандати синоќа не се осмели да направи ни Дарко Алексов, директор на граѓанската асоцијација „Мост“.

„Преблиску се една до друга, за преку проекција на мандати да се стигне до проекција на силите“, рече Алексов, апелирајќи да се почекаат комплетните податоци од ДИК.

Mazedonien Jubel Wahlen Zoran Zaev
Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев пред владата во Скопје прогласи победаФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Дебакл на победникот Груевски

Голем дел од аналитичарите кои синоќа ја коментираа тесната разлика, сметаат дека состојбата ќе биде уште покомпликувана поради ваквиот резултат и дека „на повидок се нови избори“. Неизвесноста ја зголеми и прашањето - што ако разликата меѓу двете македонски партии биде само еден пратенички мандат, односно дали победникот ќе може да формира влада? 

„Резултатот од изборите може различно да се толкува“, вели професорот Ѓорги Спасов.

„Формално, може да се каже дека опозицијата не успеа со потребно мнозинство да го симне режимот на Груевски од власт, кој е обвинет од СЈО за злосторничко здружување против изборите, за масовно кршење на човековите права, за корупција и  за низа други злоупотреби. Изборниот резултат покажа дека авторитарниот режим на Груевски преку корупција на избирачкото тело, клиентилизам и заплашување контролира маса од околу 430 илјади граѓани, со чија помош може да воведе и отворена диктатура во Македонија“, заклучува Спасов.

Тој потенцира дека Груевски по овие избори не може веќе да се повикува на волјата на народот.

„Опозициските партии освоија далеку повеќе гласови од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. А тоа значи дека народот кажа кој сака да владее. Народот бара промени. Ако не се случат тие промени, кризата само ќе се заостри, а конфликтите ќе се продлабочат. Груевски кој бараше 63 пратеници за никој да не го уценува,  кој тврдеше дека ќе ја порази опозицијата со уште поголем резултат од оној во 2014 година, и кој доживеа дебакл во дијаспората, реално е поразен на овие избори, исто како и Али Ахмети, кој од 19 мандати во собранието спадна на десетина. Тие реално го имаат изгубено легитимитетот за да владеат и натаму“, дециден е Спасов.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски - нова победа на партијатаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Пирова победа“ на ДУИ

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа не го криеше незадоволството од исходот, без оглед што неговата партија е „победник“ во албанскиот блок.

„ДУИ секогаш апелирала кај Албанците и од нив барала да не се парцијализираат во мали партии, бидејќи ќе бидат губитници. Сега со гнев велам дека Албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат Албанците, и не ме радува победата на ДУИ“, рече Ахмети.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, најави дека лично ја презема одговорноста за лошиот резултат на неговата партија.

„Но, има и една голема победа. Конечно ДУИ катастрофално ги загуби изборите кај Албанците“, рече Тачи.

Според Спасов, со овој резултат опозицијата добива можност да формира влада со пратениците од неколку албански политички партии,  а Македонија да влезе во сосема нова фаза од својот развој.

Двете коалиции слават победа

„Коалиција на СДСМ со албанските партии во идната влада би била сигурна гаранција за продолжување на мандатот на СЈО, за донесување на Закон за заштитени сведоци и формирање посебно судско оделение или специјален суд, за да се врати владеењето на правото во Македонија. Тоа би било силна порака за демократски промени во Македонија , за економско опоравување и за забрзување на интегративните процеси на Македонија кон НАТО и кон ЕУ. Ако  ДУИ му помогне на Груевски повторно да формира влада, тогаш можеби е најдобро да се остават тој и Груевски да воведат отворена диктатура, против која партиите од опозицијата ќе се борат надвор од институциите. Останува да се надеваме дека тоа нема да го дозволи меѓународната заедница, затоа што со еден таков чин и сите нејзини напори за надминување на кризата во Македонија би биле фрлени во вода“, вели Спасов.

Некои од аналитичарите, пак, сметаат дека изборниот резултат нужно укажува од потребата за создавање широка влада, но за хендикеп го сметаат фактот дека опозициските македонски и абански партии веќе изјавија дека нема да седат во иста влада со лица индицирани од криминал. Во таква ситуација, сметаат дека широка влада би била само привремено решение, со задача да организира нови парламентарни избори во пакет со локалните во март 2017 година.