1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тесно, потесно, Австрија

Емир Нумановиќ / ЕМФ23 мај 2016

Кандидатите на претседателските избори во Австрија во моментов имаат еднаков број гласови, а за конечниот исход од изборите ќе одлучат гласовите дадени по пошта. Овие 740.000 гласови ќе бидат пребројани денеска.

https://p.dw.com/p/1IsjW
Фотографија: Reuters/H.P. Bader

Австрија има нов претседател, но неговото име сѐ уште не го знаеме - со овие зборови коментаторот на државната австриска телевизија ОРФ вчеравечер во 19 часот ги поздрваи гледачите и ги замоли да се стрпат до денеска. Дури откако ќе бидат пребројани и 740-те илјади гласови дадени по пошта, ќе може конечно да се каже кој е победник на изборите и нов австриски претседател. Кандидатот на партијата на Зелените, Александер ван дер Белен и кандидатот на австриските Слободњаци, Норберт Хофер, во моментов имаат по рамно 50% од гласовите, со тоа што и едниот и другиот со секоја нова пресметка на гласови имаат по 3 или 4 илјади гласови повеќе или помалку од противкандидатот.

Мала предност во конечниот резултат сепак му се дава на Александер ван дер Белен, затоа што избирачите кои гласаат по пошта, а меѓу нив се и австриските граѓани кои престојуваат во странство, генерално почесто гласаат за полибералните политички опции. Освен тоа, бројот на избирачи кои гласаат по пошта овојпат достигна нов рекорд. На овој начин гласаа 740.000 луѓе, што е 14% од вкупно 6,4 милиони австриски граѓани со право на глас. Овие избори ќе останат запаметени и по изразито големата излезност - патот до избирачките места о пронајдоа цели 72% граѓани со право на глас.

Спуштање на топката

По вчерашниот ден кој не донесе конечна одлука, двајцата претседателски кандидати ѝ се обратија на јавноста и во своите изјави беа значително поумерени во однос на нивните настапи во предизборната кампања. На прашањето на новинарите на австриската телевизија ОРФ како, доколку стане претседател, ќе се обраќа кон оние во странство кои го нарекуваат десничарски популист, а неговата партија екстремна десница, кандидатот на Слободњаците, Норберт Хофер, рече: „Јас сум десничар, но се сметам за десница која е поблиску до центарот и јас сум политичар со голема социјална одговорност. Многумина со кои разговарав многу брзо констатираа дека со мене може конструктивно да се расправа и дека може да се пронаоѓаат решенија, така што мислам дејк таквите ставови релативно брзо ќе спласнат“, рече Хофер.

Österreich Präsidenten-Wahl 2016 Norbert Hofer FPÖ
Норберт ХоферФотографија: Reuters/H.P. Bader

Александер ван дер Белен, на прашањето како, доколку победи, на партнерите во странство ќе им го објасни фактот дека сепак 50% од избирачкото тело на земјата чиј претседател е гласало за екстремната десница, рече: „Мислам дека не може да се каже дека сите тие избирачи се десница и десничари, меѓу нив има многумина кои имаат поинакви политички начела, но се незадоволни. Тие се незадоволни поради што австриската политика не носи решенија и што сѐ стагнира, што владата не е агилна и што партиите не можат да се договорат. така што, се надевам дека тоа со доаѓањето на новиот канцелар и министри наскоро ќе се промени“, рече Ван дер Белен.

Österreich Wahlen Alexander Van der Bellen in Wien
Александер ван дер БеленФотографија: Getty Images/AFP/J. Klamar

Сите незадоволни

Двајцата кандидати додадоа дека генерално, и без оглед на тоа какви ќе бидат конечните резлтати, се исклучително задоволни од постигнатиот резултат. Во таборот на Слободњаците наведуваат дека нивниот успех е дотолку поголем ако се има превдид дека тие за противник не го имале само Александер ван дер Белен, туку и сите оните социјалмократи и конзервативни политичари кои во јавните настапи го преферирале кандидатот на Зелените. Ван Дер Белен, пак, наведе дека никогаш досега не доживеал толкава заинтересираност за избори и толку приватни иницијативи кои му дале поддршка. Исто така, додаде тој, малку кој верувал дека тој ќе успее да го стигне Хофер, кој по првиот круг на изборите имаше речиси 15% гласови повеќе. Во првиот круг Хофер освои 35% гласови, а Ван Дер Белен само 21%.

Теми и гласачко тело

Што се однесува до темите со кои влегоа во предизборна кампања, Слободњаците се концентрираа на бегалци, безбедност, како и директна демократија и австриски суверенитет, додека Ван Дер Белен го потенцираше својото проевропски став, како и тоа дека проблемите кои ја чекаат Европа и Австрија може да се решат само заеднички и во европски контекст.

Österreich Wahlplakate 2016
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk/Techt

Избирачкото тело на село на овие теми реагираше сосема поинаку од избирачите во градовите. На село мнозинството го освои Хофер, додека Ван Дер Белен имаше многу повеќе гласови во градовите. Исто така, Хофер доби повеќе гласови од избирачите со пониско образование - за него гласале 62% избирачи без матура и само24% со матура, додека за Ван Дер Белен гласале 76% избирачи со матура и високо образование, а 38% без тоа. Гледано по пол, за Ван дер Белен гласале повеќе жени - околу 60%, додека ист толкав процент мажи дале глас за Хофер.

Поделена земја

Со оглед на тоа што двата политички табора пред претседателските избори имаа сосема спротивставени ставови, а добија еднаков број гласови, многумина аналитичари констатираа дека земјата, гледано политички, никогаш не била толку поделена како сега. Во многу коментари се наведува дека првата задача на новиот претседател, како и на новиот канцелар, ќе биде што е можно побрзо да ги обедини овие два табора, или барем да ги доведе во позиција да комуницираат цивилизирано еден со друг, како и да бидат во состојба да носат конструктивни одлуки и решенија, а за добробит на цела земја.