1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идентитетот не може да биде предмет на преговори

ЕМФ /агенции
1 февруари 2018

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во Скопје повтори дека е дојдено време за решение. Шефот на македонската дипломатија Димитров рече дека за идентитетот не може да се преговара.

https://p.dw.com/p/2ruqJ
Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Решение на спорот за името, според посредникот на ОН Метју Нимиц, би можело да се постигне набрзо. „Зборуваме за недели, месеци. Не повеќе. Верувам дека е дојдено време за одлука“, изјави Нимиц во Скопје на прес-конференцијата со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

„Не сакам да ги потценам разликите во гледиштата, се надевам, ќе се решат, но се создава еден позитивен момент и треба да се искористи. Ова е вистинско време да се обидеме да постигнеме напредок, конечно да го решиме и регионот да тргне напред со двете земји, а пријателството меѓу двете земји да продолжи“, додаде Нимиц.

Тој не сака да шпекулира што ќе се случи доколку македонско-грчките преговори за името не успеат. „Стигнати сме до точка кога двете страни напорно работат да се постигне решение. Не сум чул ништо од грчка страна што би значело одрекување на идентитетот на народот тука и верувам дека решението кое е можно е конзистентно со зачувување и јакнење на идентитетот. Ја сум многу оптимист, има разлики во ставовите на двете земји, но во Атина не сум чул негирање на идентитетот“, рече Нимиц, оценувајќи дека македонската влада е доволно компетентна за да го зачува идентитетот.

Uno-Vermittlung Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland
Метју Нимиц смета дека треба да се искористи моментотФотографија: DW/Petr Stojanovski

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров потенцираше дека идентитетот не може да биде предмет на преговори, бидејќи тоа не е предмет на одлука, туку е резултат на историски процес. Тоа е прашање поголемо од преговарачите и актуелните политичари, смета Димитров и нагласи дека ако се дојде до точка да се решава за идентитетот „нема да има решение“.

„Но, ќе биде жално ако две европски држави во 2018 година не се доволно големи ова да го препознаат“, оцени македонскиот министер.

Според Димитров, прашањето на името треба да се реши „на начин којшто и кај нас и во Грција ќе се смета за достоинствен“:

„Имаме разбирање за граѓаните на Грција кои се идентификуваат како Македонци, но во Европа во 21 век, не само нашите соседи во Грција, туку никој не може да го допре и нашето право да бидеме Македонци и да зборуваме македонски јазик.“

Димитров рече дека процесот во кој посредува Нимиц е многу важен за да се дојде до решение: „Во однос на предлозите во Њујорк, разговараме многу детално, му кажав на медијаторот Нимиц дека има идеи кои не се така лоши, но и идеи кои и не се така добри и предизвикуваат загриженост“, потенцираше тој.

Uno-Vermittlung Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland
Никола Димитров предупредува дека не треба да се зборува за црвени линии, зашто така се остава малку простор за разговорФотографија: DW/Petr Stojanovski

Според него, ова прашање не може да се реши ако една од страните се почувствува поразена. „Лесно е да се закопате во историските ровови, но време е регионот да оди напред. Историјата не можеме да ја менуваме, но можеме да ја креираме нашата иднина која треба да биде заедничка и европска“, рече Димитров.

Повеќе:

Лингвистичка формула во предлог за името на Македонија?

Спор за името: 25 години лет во место

Посредникот на ОН Метју Нимиц во Скопје освен со шефот на дипломатијата Никола Димитров, разговараше и со претседателот Ѓорѓе Иванов, премиерот Зоран Заев, а средби има и со лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.