Идеите на Ѓинѓиќ се живи, политички наследник нема
12 март 2018Лидерот на Демократската партија (ДП) и бивш премиер беше убиен на 12. март 2003. година, а политичката заднина на убиството до денес не е разрешена. Во текот на изминатите 15 години постоеја само скромни навестувања дека ќе се направи нешто повеќе за расветлување на атентатот, но сето заврши на тоа.
Урнисување на наследството на Ѓинѓиќ
Зоран Ѓинѓиќ беше една од клучните личности во демократските промени во 2000. година и водач на опозицијата ДОС, кога по масовните протести на 5. октомври поради изборната кражба, Слободан Милошевиќ беше соборен од власт. По шокот што новата власт го доживеа со убиството на Ѓинѓиќ, Демократската партија сепак успеа да се одржи на власт сѐ до 2012. година, кога власта ја презедоа некогашните радикали Томислав Николиќ и Александар Вучиќ, тогаш на чело на новата Српска напредна партија, СНП. По шест години, „напредните“, без оглед на реторичкото залагање за Европа, практично ги урнисаа сите демократски институции, патемно пресметувајќи се и со сѐ она што претставува политичко наследство на Зоран Ѓинѓиќ и 5. октомври.
Различните погледи на тоа наследство можеби се објаснување зошто Србија, 15 години по атентатот врз Ѓинѓиќ, во голема мера се врати во 90-те. Србија, уморна од санкциите и војните, во 2000. година со голема надеж ги дочека демократските промени, но и покрај несомнено значајните резултати со реформите, беа направени и доста грешки. Убиството на премиерот го успори целиот процес и го врати наназад, што резултираше со акумулација на незадоволството од бавниот напредок кон подобар живот. Бројни националистички кругови и медиуми паралелно водеа перманентна кампања на дезавуирање на 5. октомври, датум кој според нив претставува акт на капитулација и наводна продажба на земјата на странците. Така, на бранот на економското незадоволство, помешано со решавањето на националното прашање, СНП дојде на власт во 2012. година како нова генерација на квази-демократски сили, кои, барем на хартија, нема да се караат со светот како нивните радикални татковци, но истовремено ќе водат сметка за националните интереси.
Сурогат на идеите на Ѓинѓиќ
Неодамна одржаните белградски избори покажаа дека станува збор за слом на она што остана по Ѓинѓиќ од Демократската партија, вели по тој повод политичкиот коментатор Љубодраг Стојадиновиќ за ДВ. „Наследниците на Зоран Ѓинѓиќ на чело на ДП, пред сѐ мислам на Борис Тадиќ, сносат голема одговорност за создавањето и растот на СНП, која сега спроведува луда диктатура над слободата во Србија. Сето тоа доведе не само до крах на опозицијата, туку би рекол и до слом на целото општество. Идејата на Зоран Ѓинѓиќ беше нешто сосем друго - Србија како демократско општество кое е блиско до цивилизациските вредности на Европа.“
Најлошо од сѐ е што носители на европската идеја станаа „напредните“, иако европската идеја е напросто неостварлива со нив, вели Стојадиновиќ. „Така добивме сурогат на идејата на Ѓинѓиќ во ликот на 'напредните', а самата негова Демократска партија имаше лидери кои ниту разбираа што сакаше Ѓинѓиќ, ни беа способни да ја организираат партијата како носител на промени во Србија. Затоа, од наследството на Ѓинѓиќ остана само спомен.“
Повеќе на темата:
Србија: Вучиќ неприкосновен- дебакл на опозицијата
Референдум за Косово- нов трик на Вучиќ?
Автократија која се лизга кон диктатура
Меѓу прагматизам и митови
Книжевникот Филип Давид смета дека митот за Зоран Ѓинѓиќ настана по неговата смрт. „Не постои некоја конкретна политичка програма на Ѓинѓиќ. Тој беше прагматичен политичар и се прилагодуваше на ситуацијата. Пред убиството тој според една анкета имаше поддршка под десет проценти. Тешко е да се оддели она што Ѓинѓиќ навистина беше и она што стана по смртта.“
Како сепак се случи во период од 15 години земјата да помине пат од Србија на Зоран Ѓинѓиќ до Србија на Александар Вучиќ? Филип Давид истакнува дека „кругот се затвори. Ако го посматраме избирачкото тело во време на Милошевиќ, ќе видиме дека националистичко-популистичката опција секогаш имаше 60-70 проценти поддршка. Тоа е стабилно бирачко тело, што се докажа и на белградските избори. Тие потсетуваа на случувањето на народот во време на Милошевиќ, со масовни митинзи, разбиена опозиција и демагошка реторика. Можеби ќе звучи песимистички, но суштински промени од 90-те години наваму немаше.“
Енергија потребна и денес
90-те повторно се на власт, се согласува и Љубодраг Стојадиновиќ, кој истакнува дека сѐ она што денес се случува во Србија е вредносен крах на идеите за она што требаше да се случи со Србија по 2000. година. Клучна работа за во 2012. година да се заборави што сѐ донесоа Ѓинѓиќ и демократските промени е фактот што Србија е општество на сиромашни луѓе. „По смртта на Ѓинѓиќ и неуспешните реформски обиди, сиромашната Србија бараше некој излез. А најголем број гласачи на СНП потекнува од социјално најсиромашните слоеви, тука граѓанската Србија го доживеа својот пораз. Виновник за тоа е некој вид опозициски конформизам, кој е далеку од енергијата и активизмот на Зоран Ѓинѓиќ“, истакнува Стојадиновиќ.
Политичка сила која денес би можела да се нарече следбеник на политиката на Зоран Ѓинѓиќ, всушност не постои. Филип Давид вели дека дополнителен проблем на ДП, од која се очекува да биде природен продолжувач на политиката на Ѓинѓиќ, е тоа што нејзиниот состав е прилично хетероген. „Тоа е партија која со текот на времето произведе и екстремни националисти, а истовремено на плодно тло не наидоа и некои нејзини социјалдемократски идеи. Така, денес постои само борба за власт, а не и за идеи“, оценува Давид. Стојадиновиќ вели дека се надевал на нешто по протестите против дикататурата, но од тоа за жал нема ништо. Во секој случај, сега би била добредојдена некоја личност која би ја имала силата на Ѓинѓиќ. „Зашто, неговите идеи и натаму се многу живи, а тој ги обрзложуваше на многу едноставен начин“, заклучува Љубодраг Стојадиновиќ.