Играчите, резултатите и тренерот на ВМРО-ДПМНЕ
22 јули 2020Има едно непишано правило: кога играчите се менуваат, а резултатот не се подобрува, на крајот се анализира дали е проблемот кај тренерот. Во органите на ВМРО-ДПМНЕ немаат никакви дилеми по ова прашање. Завчера „играчите" од Извршниот, а вчера и од Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, едногласно го овластија партискиот претседател Христијан Мицкоски да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство и да ја состави новата влада.
Оние кои заминале од партиските функции поради несогласување со политиките на ВМРО-ДПМНЕ, или кои во „демократска“ процедура биле исклучени заради поинакво мислење, воопшто не се изненадени од ваквиот епилог. Сметаат дека играчите кои треба да му ја дадат или одземат довербата на тренерот, се избрани исклучиво според верноста со која ќе го чуваат неговиот трон, а не според перформансите за трчање на теренот, за реформи и демократски капацитет во интерес на подобри партиски резултати.
Иако секогаш може да постои одредена резерва кон ставовите на оние кои веќе не се во добри односи со партиското раководство, сепак, нивните ставови најдиректно ги потврдува вчерашната „втора одлука" на ЦК. Таа се однесува на измена на статутот „во насока на поголема демократизација на партијата, пренесување на поголеми надлежности над членството и органите и телата на партијата следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии, пред се Германската ЦДУ, австриската конзервативна партија и останати сестрински партии од европското семејство“.
Би било ова прекрасна вест, доколку не се знае дека и сите претходни предлози за измени на статутот, се темелеа буквално на истата аргументација и на искуствата од посочените европски партии. Ако повторно се носи одлука за нешто што претходно веќе било најавено, тоа значи дека партијата и самата признава дека во целиот изминат период немало ни „д“ од демократизација.
Истово беше ветувано и лани во октомври кога беше најавена „Обновата на Македонија", во надеж дека само фразеолошки ќе се истурка „обновата" на партијата. А за успех на која било партија, потребен е обратен процес.
Очигледно, тоа не е пречка сега истата призказна да ја продаваат како „нови, револуционерни измени во насока на поголема демократија“. Во маркетиншкиот пакет во кој се спакувани вчерашните одлуки на ЦК, има многу убави зборови: водење сметка за европските вредности, воведувањето на непосреден избор на претседател на ОК и раководство на општинските комитети од страна на членството, демократски избор на идни државни функционери, кандидати за градоначалници од страна на партиските бази, воведување на нови органи и тела во партијата, како и ограничување на правото на реизбор на претседател на партијата и останати високи партиски функционери".
Ама ѓаволот се крие во деталите. Треба да се знае кој таквиот избор на крајот го „верификува“ (бениген израз за вистинскиот одлучувач), бидејќи на овој „детаљ“ паѓаа и сите досегашни ветувања за демократизација.
Она што посебно фрапира е точката 4 од измените, според која, „со новиот Статут се овозможува примена на начелото на непосредна демократија односно, партијата е должна да им овозможи на сите оние кои што се релевантна група на истомисленици да си го искажат своето мислење и врз основа на таквиот нивен став партијата да донесе партиски став кој што во иднина ќе се применува од страна на сите членови на партијата“.
Ова е јавна потврда дека досега не било применувано начелото на непосредна демократија, што не е изненадување, со оглед дека видовме многу исклучени заради различен став. Но, дали е на повидок вистинска демократизација, ако таа треба да профункционира во однос на „релевантна група истомисленици“. Кој ќе одредува дали групата е „релевантна“? И што ако ставот не доѓа од група, туку од поединец? Нема да биде земен предвид?
Од партијата нагласуваат дека било особено важно што во овој статут се потенцирала рамномерната застапеност на жените и мажите во рамки на органите и телата на партијата. За оваа измена веќе се намножија куп коментари, во насока „колку повеќе жени, толку повеќе можности за ‘еден бокс у фаца’“, како алузија на почитта кон жените иразена во реченикот на актуелен функционер во реководството.
На крајот, невкусно е повторувањето дека Никола Груевски повеќе не е почесен член на партијата, бидејќи статутот не предивдувал таква функција. Дури и статутот да ја предвидува, на функцијата почесен претседател би можел да биде само оној кој заминал од кормилото на партијата. Груевски замина од земјата, но досега нема јасна потврда дека навистина заминал и од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ.