Играта на Еквадор со Асанж
19 август 2014„Еквадорската влада не сака да има ништо со случајот Асанж“, оценува Винфрид Век, раководител на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во главниот град на Еквадор, Кито. „Се работи за позиционирање, за на Американците и Европејците да им се покаже дека не се дозволува мешање отстрана, дека националниот идентитет и суверенитет се третира како највисоко добро“, вели Век.
Тој има намера во септември, по над 50 години присуство во јужноамериканската земја, да ја затвори канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во главниот град Кито. Причина за тоа е што Еквадор од 2011 година си го дозволува право не само да врши увид во годишните планови на политичките фондации и невладини организации, туку и да ги менува.
„Овој услов за нас беше неприфатлив“, објаснува Винфрид Бек. „Ние ја затвораме канцеларијата од политички причини и бараме други можности за да се ангажираме во земјата.“ Трите други германски фондации кои се присутни во Еквадор - „Фридрих Еберт“, „Роза Луксембург“ и „Ханс Зајдел“, ја продолжуваат својата работа.
Фондацијата „Конрад Аденауер“ не е осамена во критиките на сметка на владата на Еквадор. И организацијата „Репортери без граници“ е загрижена за политичката слобода на мислење во земјата. „Претседателот Рафаел Кореа не треба поради заштитата на странските ’свиркачи’ да ја заборави слободата на печат во Еквадор“, побара уште на 24.06.2013-та раководителот на „Репортери без граници“, Кристијан Мур, во соопштение за медиумите.
Во соопштението уште се вели дека Кореа има апсолутно причина прво „да измете во сопствениот двор“. Претседателот потпиша нов закон за медиуми со кој државата добива голем број можности да се меша во работата на новинарите и кој може да стане врата за цензура. На актуелната листа на „Репортери без граници“ од 2014 година, Еквадор, од вкупно 180 земји, е на 95. место.
„Каде се слободните медиуми?“
Еквадорскиот претседател Рафаел Кореа не се возбудува поради ваквите критики. „Две години престој на Асанж во еквадорската амбасада во Лондон - каде се слободните и независни медиуми? Што ќе се случи ако такво нешто се одигрува во Еквадор?“, ги праша Кореа своите следбеници на Твитер.
Министерот за надворешни работи на Еквадор, Рикардо Патињо, кој лично отпатува во Лондон на двегодишнината од престојот на Асанж во амбасадата, исто така испрати порака на Твитер. „По повод двегодишнината од азилот на Асанж одам во Лондон. Колку треба да чекаме за медиумите да побараат негово ослободување?“, праша тој на својот профил на Твитер.
Експертот за Латинска Америка од Хесенската фондација за истражување на мирот и на конфликти (ХСК), Јонас Волф, смета дека и покрај поддршката на еквадорскиот претседател за основачот на Викиликс, нема заедничка политичка линија. „Двајцата се борат против големите медиумски концерни“, вели Волф, но за разлика од отворената платформа Викиликс, Кореа не им дава поддршка на независните мали медиуми во сопствената земја, туку „им се заканува“.
Политичка стратегија
Волф оценува дека заедничката прес-конференција на Асанж и на еквадорскиот министер Патињо во амбасадата во Лондон е политички стратешка офанзива. „Владата во Еквадор сака да го искористи случајот Асанж за пред глобалната јавност да се профилира како борец за човекови права и азил“, смета тој.
Еквадор ја губи својата водечка позиција во делот на политиката на азил. Откако е донесен новиот закон за азил, во мај 2012 година, стапката на признавање на азилантски статус е „драматично намалена“, оценува Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР). „Има голем јаз меѓу она што како норма е пропишано со Уставот и остварувањата на правата на бегалците во пракса“, критикува УНХЦР.
Еквадор се‘ уште е земја која има прифатено најголем број бегалци во Латинска Америка. Според УНХЦР, во земјата живеат околу 123.000 бегалци, од кои 98% се од соседна Колумбија. Дали 43-годишниот Асанж некогаш ќе живее како азилант во Еквадор, е прашање. И неговата најава дека сака да ја напушти амбасадата, се чини, е повеќе желба од реалност.