ИВЗ има нов поглавар
20 септември 2006Сулејман Реџепи се смета за поборник на традиционалниот, умерен ислам. Смета дека нема да успеат обидите за инфилтрација на радикални структури меѓу муслиманите во Македонија. На денешното гласање на изборното собрание што се одржа во скопското село Кондово, го победи противкандидатот, Муамед Исени со големо мнозинство. Новиот поглавар има поддршка од сите 13 муфтивства, на колку што организациски е поделена ИВЗ. Пред Реџепи е предизвикот да ја смири кризата во која влезе ИВЗ минатата година, кога различните струи почнаа битка за превласт. Реџепи рече:
“Првите чекори што ќе ги направам е да го повратам правниот систем во ИВЗ, оти сите настани што се случија, за резултат имаат непочитување на правниот систем на ИВЗ. “
Противниците на разврската на кризата во ИВЗ се огласија ноќеска – со рафално оружје го нападнаа седиштето на ИВЗ. Во инцидентот нема жртви и повредени. Напаѓачите сакале само да испратат порака во пресрет на денешниот избор на Реиз. Новоизбраниот поглавар за тоа вели:
“Последен потрес на криминалните структури, кои што верувам, со денешниот ден, треба да ги фрлат нивните калашњикови и треба да биде заборавена употребата на сила. “
Минатата година во јуни, тогашниот поглавар Ариф Емини се повлече од функцијата поради немоќ да се справи со тензиите што се случуваа во скопското муфтивство. Дојде до поделба на умерена и радикална струја, а се случуваа и вооружени инциденти. Се вмеша и политиката, иако сите партии од албанскиот политички блок негираа каква било вмешаност во настаните во ИВЗ. Упатените во верските случувања во Македонија сугерираа дека кризата во ИВЗ ќе заврши кога заедницата ќе добие нов поглавар.