1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов празнично ги искритикува пратениците

БГ
23 октомври 2018

Претседателот на државата во честитката по повод 23 октомври, Денот на ВМРО, се огласи и во врска со одлуката на Собранието да ја започне процедурата за измена на Уставот. Критика за пратениците поради уставните измени

https://p.dw.com/p/36zFm
Mazedonien - Staatschef Gjorge Ivanov
Фотографија: picture alliance/PIXSELL/HaloPix

Четири дена откако во Собранието беше обезбедено двотретинско мнозинство за почеток на уставните измени, претседателот Ѓорге Иванов ги критикува пратениците дека постапиле спротивно на волјата на народот. Честитката по повод Денот на ВМРО, Иванов ја стави во актуелен контекст коментирајќи ги референдумската гласање и одлуката на парламентот.

„На референдумот одржан на 30 септември народот со негласање јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено го отфрли Договорот од Преспа“, вели Иванов.

Порачувајќи дека оваа генерација не смее да дозволи „Македонија да биде обезличена“, Иванов го искритикува и парламентот.

„Собранието на Република Македонија тоа мораше да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапи спротивно на волјата на народот“, оцени Иванов алудирајќи на резултатите од реферерендумот.

„Народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги презира страшливите и поткупливите. Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина“, смета Иванов. 

Иванов последен пат се појави во јавноста на 1 октомври кога во обраќање до нацијата оцени дека „народот го отфрлил Преспанскиот договор“. Во пресрет на гласањето тој од САД најави дека ќе бојкотира, а по референдумот побара одговорност од владата.