Иванов нема намера да помилува изборни силеџии
18 март 2016Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска им порача на граѓаните дека нема намера да помилува лица кои се вмешани во изборни нерегуларности. Иванов се најде во центарот на вниманието откако Уставниот суд неделава ги поништи измените во Законот за помилување од 2009 година и му го врати на шефот на државата правото на аболиција.
„Ни на крај памет не ми паднало и не ми паѓа да помилувам педофили, наркодилери, силеџии на избори, терористи и екстремисти“, изјави Иванов, одговорајќи на новинарско прашање дали ќе ги искористи вратените ингеренции по одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнувања на Законот за помилување.
„Како и досега, ќе го правам исклучиво она што е исправно и она што е во интерес на државата“, рече Иванов.
Покрај бурните реакции во македонската јавност, на одлуката на Уставниот суд реагираше и ЕУ. Од Брисел соопштија дека ги сметаат за неприфатливи сугестиите за неказнивост на дела поврзани со изборни нерегуларности.
Портпаролката на еврокомесарот за проширување Маја Коцијанчич за ДВ изјави дека ЕУ очекува македонскиот претседател Ѓорге Иванов да работи на зајакнување, а не на заслабнување на демократијата во земјата.
„Сега, кога кривичните дела поврзани со изборите можат да се амнестираат, моќта за таквата одлука ќе биде во рацете на актуелниот и идните претседатели на државата. Очекуваме оваа алатка да се користи во насока на зајакнување, а не заслабнување на демократијата“, рече Коцијанчич.