Иванов напладне му го дава мандатот на Заев
17 мај 2017Шефот на државата Ѓорге Иванов денеска напладне ќе му го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Од кабинетот на Иванов предмалку потврдија дека настанот е планиран да се одржи во 12 часот и се канат новинари и фоторепортери.
Уставниот рок за доделување на мандатот на Иванов му истекуваше на 19 мај, откако на 9 мај годинава, новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери со писмо го информираше претседателот на државата дека е формирано ново парламентарно мнозинство и побара од него да го додели мандатот за формирање влада.
Иванов, претходно, во неколку наврати бараше од новото парламентарно мнозинство „гаранции за зачувување на унитарниот карактер на државата“. Засега нема информации дали такви гаранции добил, иако од СДСМ најавуваа дека такво нешто ќе биде испратено.