Иванов го откажа претседателскиот самит
29 мај 2013Македонскиот претседател Иванов на прес-конференција во вилата „Водно“ изјави дека државниот интерес и достоинството на Македонија го обврзале да ја донесе одлуката и оти Република Македонија постапила целосно во согласност со основачките документи и правила на ПСЈИЕ.
„За жал старите балкански предрасуди и комплекси повторно оживеаја во пресрет на Самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди и да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија“, рече Иванов.
Тој додаде дека предизвиците треба да се решаваат со дијалог, а не со бојкот:
„Поставивме тема, која е високо и на глобалната агенда, од која интерес ќе имаа нашите граѓани, нашите општества. Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со вета. Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со бојкоти“, додаде Иванов.
Според него, ова е јасен сигнал и за Унијата за да ја разбере реалноста во регионот. „Таа реалност очекувам да е мотив и предупредување за европските лидери правилно да ја разберат нашата регионална реалност“, порача Иванов, притоа додавајќи дека одлуката за неодржување на самитот ја донесол и „за да не се манипулираат граѓаните на Република Македонија, како и граѓаните на сите држави од регионот“.
„Конечно дојде денот, кога некој треба отворено да признае дека регионалната соработка е исправена пред сериозен, крупен предизвик. Македонија покажала и докажала дека е иницијатор и партнер во регионалната соработка, дека се залага на вклученост на сите држави во регионот, но повеќе од јасно е дека самиот регион има сериозни предизвици“, заклучи претседателот на Македонија.
Самитот на ПСЈИЕ и Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите требаше да се одржат претстојниот викенд во Охрид и Струга. Своето присуство вчера го откажа албанскиот претседател Бујар Нишани поради неучеството на Косово, а агенцијата Бета, повикувајќи се на информации во кабинетото на хрватскиот претседател, денеска јави дека и Иво Јосиповиќ го откажал учеството на самитот во Охрид. Инаку, на самитот со кој требаше да се заокружи македонското претседавање со ПСЈИЕ, покрај лидерите на земјите од регионот, требаше да учествува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе.