Иванов бара гаранции за унитарноста
1 мај 2017„Ако постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи“, изјавил претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со Хојт Брајан Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент.
„Претседателот Иванов бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека 'заедно со коалициските партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија'“ се вели во соопштението од кабинетот на Иванов објавено по негвата средба со Ји.
Во него се истакнува дека македонскиот претседател констатирал дека „платформата од Тирана не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање Влада во Република Македонија“ и дека „единствено преку дијалог мора да се бараат решенија“. Иванов побарал од САД, како стратегиски партнери на Република Македонија да помогнат за да се отстранат пречките и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот.
„Преседаните со кои се воведува практика, а нелегалното станува легално ги поткопува основните демократски принципи“, рекол претседателот и ги повикал граѓаните да останат воздржани и трпеливи, затоа што постојат решенија кои треба да се донесат со разум и преку дијалог.
СДСМ: Гаранција е владината програма!
Според СДСМ, Иванов чука на отворена врта, бидејќи објавената програма на реформската влада ја гарантира унитарноста на Македонија. Партијата се огласи со соопштение во кое се вели дека „многу скоро“ Иванов ќе биде официјално известен од новиот собраниски претседател дека има демократски формирано легитимно парламентарно мнозинство.
„Од тој момент, Иванов мора да постапи согласно со Уставот и волјата на граѓаните и да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да ја формира новата Влада. Јавно објавената програма на новата реформска Влада ја гарантира целовитоста и унитарноста на Македонија, со што се исцрпуваат сите неразумни оправдувања за недоделување на мандатот, со кои ги штитеше криминалните интереси на Никола Груевски, а Македонија ја втурна во насилство кое кулминираше во четвртокот кога криминални структури се обидоа да убијат дел од пратениците на парламентарното мнозинство “, се вели во соопштението на социјлдемократите.
По средбата со Иванов, Ји се сретна и со новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, во зградата на законодавниот дом.
„Присуството на американскиот дипломат ја потврдува поддршката од САД за новоизбраниот претседател на законодавниот дом. Од утре ќе се обидам да го ставам Собранието во функција“, рече Џафери и им посака на повредените во инцидентот од 27-ми април наскоро да закрепнат и да им се вратат на секојдневните обврски. Тој рече дека ќе биде претседател на сите пратеници и ќе работи во интерес на сите граѓани на Република Македонија.