Иванов Vs Керим
14 јануари 2009Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и универзитетските професори кои го предлагаат Ѓорѓи Иванов за претседателски кандидат ја почнуваат кампањата за негова јавна промоција. Како што се дознава од партиски извори, зад номинацијата на овој универзитетски професор на Извршниот комитет на владејачката партија застанале министрите Ставревски и Милошоски, како и универзитетските професори блиски до владејачката гарнитура - Саркањац, Шкариќ и Ачковска. Во меѓувреме, професорот Иванов потврди дека со него е разговарано на оваа тема и дека дал согласност да биде претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партијата ВМРО-ДПМНЕ веќе ја практикува таа вообичаена процедура да се отвори за сите што се заинтересирани и сите што покажуваат подготвеност за кандидатура. Мојата кандидатура произлезе од членовите на Извршниот комитет и од некои интелектуалци. Имаше консултации, имаше разговори, беа оценети сите аспекти и на крајот дојде согласноста“, рече Иванов. Овој политиколог и полемичар не е член на ВМРО-ДПМНЕ, но во многу клучни настани и настапи застана зад политиката на премиерот Груевски.
„Се враќаме на изворите кога е создадена свеста за македонската нација, за македонската држава, кој бил сонот на основачите на ВМРО“, изјави Иванов неодамна на денот на оспорениот национален празник за ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ ја одби понудата на СДСМ?
Иванов беше и кандидат за амбасадор во Велика Британија, но претседателот на Република Македонија не даде согласност. Потоа, Иванов стана жесток критичар на претседателот Бранко Црвенковски и на политиката на СДСМ. Со промоцијата на Иванов, ВМРО-ДПМНЕ практично ја отфрла понудата на СДСМ, дипломатот Срѓан Керим да биде заеднички претседателски кандидат во македонскиот блок.
„Ако дојде до таква ситуација да имаме таков слух и таква поддршка, нема да се оглушам и нема да го свртам грбот, но да ги оставиме политичките партии кои треба да си ги одберат кандидатите“, изјави неодамна Срѓан Керим по враќањето од Њујорк. Керим беше прв македонски амбасадор во Германија и една година претседатател на Генералното собрание на ОН. Македонската јавност подолго време се тестира со неговото име како можен претседателски кандидат. Но, ненадејната номинација на професорот Ѓорѓи Иванов веројатно е порака од владејачката партија до Керим. Дипломатот во сите јавни настапи постојано инсистираше да има општ партиски консензус околу неговата можна номинација за претседателската функција.
Исто така, мора да се напомене дека СДСМ не го консултирале амбасадорот Керим за евентуалната номинација, додека професорот Иванов дал согласност да биде претседателски кандидат. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ не им понуди на социјалдемократите професорот Иванов да биде заеднички кандидат.