1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

И политиката се вклучи во средношколскиот бунт

ДТЗ /ДВ
1 февруари 2021

Опозициските партии ги поддржаа барањата на Сојузот на средношколци за промени во државната матура

https://p.dw.com/p/3ogvf
 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

И политиката се вклучи во средношколскиот бунт кој трае веќе неколку недели. Еден ден откако Сојузот на средношколците испрати писмо до пратениците со кое побараа Собранието да ги поддржи нивните барања за матурскиот испит, опозициските парии се одзваа на повикот и им дадоа поддршка на учениците за измени во државната матура. Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива им подаде рака на средношколците во нивните напори да се измени концептот за државна матура за оваа генерација матуранти и наместо четири, матурантите да полагаат два предмети – мајчин јазик и вториот предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира. ВМРО-ДПМНЕ, пак, достави предлог со измени и дополнувања на Законот за средно образование. Тие ветуваат дека ќе ги канализираат барањата на учениците преку институциите за да не се губи многу од наставата. Сојузот на средношколци оствари средби и со партиите „Беса“ и „Левица“. Повеќе од 14.000 матуранти се пријавиле за полагање на матура. Првиот рок за полагање на матурата е на крајот на мај, вториот во јуни, а третиот во август.

Законски измени

Пратеникот на Алијансата за Албанците Халил Снопче по средбата со претседателот на Сојузот на средношколците, Бленди Ходаи, информира дека го поддржуваат нивното барање, бидејќи тие не бараат целосно укинување на државната матура, туку само намалување на бројот на предмети.
„Ќе се залагаме и во Собранието врз основа на нашите надлежности или со законски акти или со барање за јавна дебата да им помогнеме“, вели пратеникот Халил Снопче.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со законски измени по скратена постапка ќе побараат матурантите наместо четири да полагаат два предмети за државна матура.
„Ние предвидуваме во кризна состојба, односно за оваа година додека трае кризната состојба да бидат два, а понатаму доколку се среди ситуацијата со пандемијата повторно да се врати на четири“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски. Тој порача дека целосно ги поддржуваат и преку институциите ќе ги канализираат барањата на средношколците.

-повеќе на темата: Средношколците притискаат за матурата, МОН не попушта

Претседателот на Сојузот на средношколци по средбите со пратениците рече дека има поддршка од целата опозиција. Но, дека пратениците од СДСМ немале волја матурантите јавно во Собранието да ги искажат своите аргументи. „Претседателката на Комисијата тврдеше дека ќе се труди да зборува со министерката за да најдеме некое решение, но сепак, нема волја од нивна страна да има јавна расправа во Комисијата за образование, наука и спорт“, вели Ходаи.
Претседателката на Комисијата, Жаклина Лазаревска во телевизиска изјава рече дека пратениците од СДСМ сакаат да им помогнат на матурантите, но Законот за средношколци бил јасен и пратениците не можат да интервенираат во моделот за полагање на матурата. Вели дека кога ќе ги имаат на увид предлог-измените ќе изградат став. Според неа, матурантите решение мора да бараат во Министерството за образование.

10 аргументи

Сојузот на средношколци не отстапува од барањето да има измени во државната матура. Една од причините за ова е поради затворањето на училиштата од март минатата година, со што предавањата не биле подеднакво ефикасни и квалитетни како претходните години.

Mexiko Mexiko-Stadt | Leeres Klassenzimmer
Сојузот на средношколци не отстапува од барањето да има измени во државната матура, велат дека онлајн предавањата не биле толку ефикасниФотографија: Getty Images/AFP/P. Pardo

„Вообичаено за предмет што би го имале 5 пати неделно со 45 минутен час, ние сега имаме 50 минути помалку поради намалувањето на времетраењето на часовите. Не можете да очекувате да знаеме и да имаме проучено исто толку материјал како во нормални ситуации, а нашите ресурси се неразумно ограничени“, е ставот на Сојузот. Според нив, претходната година учениците биле целосно ослободени од матурата, иако само неколку месеци од наставата ги слушале онлајн. Додека пак, во овој случај тие се принудени да поминат низ процесот на полагање, иако година и половина наставата ја слушале онлајн. Причината поради која 14.000 ученици имаат пријавено државна матура, според нив, е поради тоа што ги почитувале Законот за средно образование, Уставот и институциите.

-повеќе на темата: Учебната година како желботека

Меѓу 10 аргументи зошто треба да има измени во државната матура, средношколците го посочуваат и примерот со една студија направена од Лансет психијатрија, еден од најстарите и најпознати медициниски журнали, која покажа дека „стапките на депресија се зголемиле на глобално ниво за време на полицискиот час воведен за справување со Ковид-19, што ги прави учениците поподложни на бариери за учење предизвикани од стрес“.

Царовска: Бојкотот ќе се одработува

Од МОН пак, стојат на ставот дека државната матура ќе се полага како и досега, но со скратени материјали. За измени во матурата ќе може да се разговара идната учебна година. Поради изгубените часови за време на бојкотот на наставата, училиштата ќе се реорганизираат и ќе ги надоместат изгубените часови на матурантите, најави министерката за образование и наука Мила Царовска, одговорајќи на новинарско прашање во Штип каде што се одржува дебата за средно стручно обрaзование.

Mazedonien Skopje - Mila Carovska, Ministerin für soziales Mazedonien im DW Interview
Поради изгубените часови за време на бојкотот на наставата, училиштата ќе се реорганизираат и ќе ги надоместат изгубените часови, најави Мила ЦаровскаФотографија: DW/K. Delimitov

Таа повтори дека сите коишто сакаат да продолжат на факултет мора да имаат положено државна матура, а обврска на Министерството за образование и наука и на Владата, рече, е таа да се спроведе согласно со законските рокови. „Секое училиште има начин на којшто си ги надоместува изгубените часови, како секојпат кога има  неможност да се спроведе наставата, така и овојпат ќе си се реорганизираат и тоа ќе се спроведе во училиштата“, рече Царовска. 

Учениците - истовремено радост и грижа