1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И повторно победник е Емануел Макрон

СН/ дв
12 јуни 2017

Еден месец по неговиот триумф на француските претседателски избори, 39-годишниот политичар слави и голем успех во првиот круг од парламентарните избори во земјата.

https://p.dw.com/p/2eVTK
Frankreich | Parlamentswahlen - Präsident Emmanuel Macron beim Verlassen des Wahllokals
Фотографија: picture-alliance/abaca/E. Blondet

Во Франција, партијата на новиот претседател Емануел Макрон е на пат да освои силно мнозинство во парламентот. Центристичката партија „Република во движење“(ЛРЕМ) освои убедливо мнозинство од гласовите од 32,3 проценти во првиот круг на изборите за Националното собрание на Франција, и покрај рекордно нискиот одѕив на гласачите, покажаа официјалните податоци објавени денеска. ЛРЕМ и нејзините сојузници, според аналитичарите, би требало да освојат, меѓу 400 и 440 места во парламентот кој брои 577 пратеници, по вториот круг на изборите кој ќе се одржи наредната недела. Таквиот резултат би му овозможил на Макрон да добие потврда за предложениот состав на својата влада и да продолжи со програмата за либерализација покрај очекуваното противење на левицата.

Премиерот Едуар Филип изјави дека и покрај ниската излезност, која изнесуваше нешто над 50 проценти, „пораката на францускиот народ е недвосмислена“. „Третпат по ред, милиони од вас ја потврдија поддршката за политиката на претседателот на Републиката за обнова, единство и победа“, изјави Филип во телевизиското обраќање. .

Изборите се одржаа само еден месец откако 39-годишниот Макрон стана најмладиот претседател во историјата на Франција, поразувајќи ја лидерката на крајната десница Марин Ле Пен со 66 спрема 34 насто од гласовите во вториот круг на изборите.

Ле Пен и другите опозиционери укажаа на слабиот одѕив на гласачите, кој лидерката на Националниот фронт го опиша како „катастрофален“, повикувајќи ги „патриотите масовно“ да гласаат во вториот круг на изборите, во кој ќе се пополнат поголемиот број од местата во парламентот. Партијата на Ле Пен освои разочарувачки 13,3 отсто од гласовите, многу помалку од оние 21,3 насто колку што освои во првиот круг на претседaтелските избори.

Parlamentswahl in Frankreich 2017 Marine Le Pen Front National
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Lo Presti

Партијата на десниот центар „Републиканци“ и нејзините сојузници веројатно ќе го формираат најголем опозициски блок, со освоените 21,6 насто гласови во првиот круг. Шефот на изборниот штаб на Републиканците, Франсоа Баруан, ги повика гласачите од средната класа и во руралните области да гласаат за неговата партија во вториот круг, велејќи дека тоа би ги спасило од зголемување на данокот или намалување на инвестициите во јавните служби во внатрешноста на земјата.

Најголем губитник на изборите е секако Социјалистичката партија на предходникот на Макрон на функцијата претседател, Франсоа Оланд. Социјалистите и останатите кандидати од левиот центар освоија само 9,5 насто од гласовите и веројатно ќе освојат меѓу 15 и 25 парламентарни места, што претставува драстичен пад од нивното мнозинство од 292 места во претходниот состав на парламентот. Бројките покажуваат дека само тројца кандидати се директно избрани во парламентот во првиот круг на изборите, додека за останатите 574 места ќе се гласа на вториот круг наредната недела.