И по Берлин, место „пат“ - „мат“ позиција во спорот за името!?
19 септември 2014Три седмици по самитот за Западен Балкан во Берлин и 17 дена пред објавувањето за извештајот за напредокот на Македонија во Брисел, спорот околу името не е жешка, туку повеќе би рекле е „студена“ тема во релациите меѓу Скопје и Атина. Иако имаше очекувања, вистина е дека пробив во спорот за името нема иако, како велат политички извори за ДВ, и во завршната декларација од Берлин во точката 6 се бара „овој спор итно да биде решен со волја за компромис на сите засегнати страни“.
Или, како вели еден дипломат, „Темата како тема останува актуелна. Германија и натаму е заинтересирана да се најде решение за деценискиот проблем“. Но, иако Германија се обидува преку разговори работите да ги одржи во темпо, факт е дека уште еднаш е повторено дека „топката е на македонско-грчко поле“. Таму пак, главните политички играчи место да се обидуваат да играат, се зацементирале на сопствените половини, не се поместуваат, па „судијата Нимиц“ нема шанса ниту некому да даде предност, ниту пак да подели некаков „картон“. Но, иако де факто тој останува пасивен и нема никаква игра, „овациите на навивачпите кон секоја од страните не изостануваат“. Демек, се' си стои во место, но секој е поддржуван од својата публика?
Стари позиции
До кога ќе има ваква не „пат“, туку „мат“ позиција, никој не знае и сите креваат само раменици. Но, како велат извори на ДВ од германското МНР, факт е дека иако канцеларката Меркел и Германија од заднината сигурно притискаат спорот да се надмине, официјално и јавно нема да си дозволат да се стават во позиција меѓу посредувачот на Обединетите нации Метју Нимиц и двете конфликти страни. Или, како беше подвлечено: „Германија и натаму стои на утврдените позиции да ги охрабрува и двете страни посмело да се втурнат во изнаоѓање решение за името!“
Во функција на оваа поддршка биле, а сигурно и во иднина ќе бидат сите дипломатски разговори кои Германија ги води со Македонија и Атина. Но, во сите нив има дел кој е исклучително од доверлива природа, па во јавноста протекуваат само веќе чуените формулации, а суштинското ако и го има, веројатно ќе се чува додека не созрее, сметаат експертите. Вака се толкува и посетата на Македонија, само четири дена по самитот во Берлин, на високиот дипломат Ернст Рајхел, одговорен за Балканот и Турција во германското МНР. За суштината и новите моменти во разговорите од германското МНР изостануваат коментари. Треба, меѓутоа да се знае дека Рајхел не е само дел од администрацијата на МНР. Тој е искусен дипломат од кариера кој минал низ сите скалила во германската дипломатија: од функции во генералниот конзулатот во Санкт Петерсбург, преку претставништвото на Обединетите нации во Њујорк, до задачи во кабинетот на поранешнипот генерален секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер во Брисел, и последната – германски амбасадор во Приштина. Во разговорите кои Рајхел ги водел со премиерот и првата партиска гарнитура на ДУИ сигурно дека станало збор и за името. Но, како вели изворот на ДВ, „размената на мислења биле од доверлив карактер“, така што и воздржаноста на дипломатијата е подразбирлива.
Самарас кај Меркел
Уште еден сигнал дека политички Берлин будно следи што се случува во Македонија е и посетата на пратеникот Торстен Фрај на Скопје, која одамна била планирана, но случајно се поклопила со онаа на Рајхел. Визитата на Скопје, како дознаваме, не била мотивирана само од интересот на парламентарецот Фрај лично да се запознае со состојбата во земјата која професионално ја следи, туку пред се' од потребата, партијата (ЦДУ) да има свој увид за состојбите во Македонија за кои особен интерес има пратеничпката група на демохристијаните во Бундестагот која е задолжена за Западен Балкан.
Инаку, Балканот и Македонија деновиве се повторно во фокусот на германската политика и поради регулативата со која Македонија, Србија и Босна и Херцеговина треба да се категоризираат во земји на сигурно потекло. Целта на Законот е да се спречи бранот баратели на азил од регионот кои се товар на општините
И идната недела Балканот, односно Македонија може пак да се најдат високо на агендата на политички Берлин поради престојната посета на грчкиот премиер Андонис Самарас на Берлин. Тој во вторник има разговори со канцеларката Меркел, кои според познавачите на приликите, ќе бидат сконцентрирани на грчкатата хронична болка: економијата и реформите.
Со оглед што ова ќе биде прва средба на канцеларката Меркел со Самарас по конференцијата за Западен Балкан, не е исклучено во разговорите да биде инволвирано и решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Но, и да се говори за ова, малку е веројатно дека нешто ќе излезе надвор од четирите ѕида на кабинетот на Меркел. Причини за ова има две: Самарас и онака, по навика, во Берлин доаѓа кога му треба лек за „домашни главоболки“ , па во моментов, сигурно не посакува да добие дополнителни! Се разбира, доколу деталите околу билатералниот проблем околу името се пласираат до јавноста. Што се однесува, пак до канцеларката Ангела Меркел, познато е дека зад смирената фасада се крие директен, искусен и мошне внимателен дипломат. Токму поради ова, иако Меркел во една прилика јавно кажа дека е во тек со предлозите околу името, малку е веројатно дека би се истрчала и би соопштила нешто што е пред се‘ задача на посредувачот Нимиц.