1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Македонија на годинашното Берлинале!

3 февруари 2011

На 61-то издание на Фестивалот, Македонија е во секцијата Панорама со филмот „Мајки” на Милчо Манчевски. За најдобар актер во главна конкуренција атакува Рефет Абази, а Наташа Петровиќ е една од десетте „шутингс старс“.

https://p.dw.com/p/QxpU
Фотографија: Internationale Filmfestspiele Berlin

Започна одбројувањето до почетокот на Берлиналето, единствениот филмски фестивал од светски ранг кој е вистински празник за публиката. Со 385 филма од 58 земји, меѓу кои и македонскиот „Мајки” на Милчо Манчевски, годинашново издание на Берлиналето не е најбогато во досегашната историја, но е најразлично и за Македонија - најпосебно! Како што најави директорот Дитер Кослик, Берлиналето се враќа на почетокот – ќе претстави повеќе млади и непознати автори, отколку холивудски докажани творци. Политиката останува делумно црвена нишка на Фестивалот. Ова најдобро го потврдува серијата филмови на иранскиот режисер Џафер Панахи, кој иако е дел од меѓународното жири, најверојатно нема да биде во Берлин, зашто тоа не го дозволува иранскиот режим.

Најновото во 3-Д техника

Еден од трендовите на Берлиналето се новите техники, поточно 3-Д филмови кои годинава ги има дури четири.

„Тука е и Вим Вендерс, кој веќе повеќепати бил на Берлиналето.Овојпат, меѓутоа, се претставува со филмот за танцувањето „Пина”, посветен на познатат кореографка, кој ќе биде прикажан во Фридрихштад палас, каде ќе се прикажат сите 3-Д филмови”, вели директорот на Берлиналето Дитер Кослик.

Покрај филмот на Вендерс, во главната конкуренција во 3-Д формат се и анимираниот „Ноќни приказни” на Мишел Оселот и „Пештерата на заборавените сништа” на Вернер Херцог. За сладокусците годинава ќе биде прикажана и најновата обработка на „Таксист” на Мартин Скорсезе во 4-К резолуција, што е последен збор на техниката. Околу темите на филмовите на Фестивалот Кослик вели дека една е и спиралата на насилството, како истата се создава и како може да се скрши. Во средиштето се најчесто млади луѓе кои сакакајќи да излезат од таа спирала и се обидуваат да најдат нови патишта. Два филма посебно се занимаваат со оваа тема. Едниот е „Врескање до небо”, деби на Викторија Махон, која ја раскажува приказната за една девојка во Њујорк која сака да побегне од нарко-војната. Втората приказна е за вечниот круг на албанската крвна одмазда, која се случува во денешна Албанија. „Крвта што простува” е насловот на најновото остварување на Џошуа Марстон кој покажува дека младите луѓе повеќе не сакаат да бидат дел од ваквите приказни. Една од главните ролји во оваа копродукција на САД, Албанија, Данска и Италија му е доверена на македонскиот актер Рефет Абази.

„Мајки” - вистински филм за „Панорамата”

Од некогашниот Ју-простор до сега доминацијата ја имаше босанскиот филм. Годинава таа е отстапена на македонскиот „Мајки” на Милчо Манчевски, кој е единствен претставник од регионот. Ќе биде прикажан на 16 февруари во секцијата Панорама. Виланд Шпек, одговорен за секцијата во која се селектирани вкупно 50 филма во главната, специјалната и документарната програма, за „Мајки” на Манчевски вели дека тоа е филм каков му беше потребен на Берлиналето, коментирајки:

„Тоа е многу силно дело кое фрла светлина на случувањата во целиот регион!"

На црвениот тепих и на ова шеесетипрво издание на Берлиналето се очекува да продефилираат многу холивудски звезди. Џорџ Клуни годинава сигурно нема да биде тука. Присуството на Мадона за промоција на трите минути од нејзиниот најнов недовршен филм е неизвесно!? Меѓу оние кои сигурно ќе бидат во Берлин Дитер Кослик ги наброја: Вилијам Харт, потоа Ралф Фајанс, Венеса Редгрејв, Кевин Спејси, Џереми Ајронс, Џеф Бриџис, Браќата Коен...

На црвениот тепих ќе продефилира и македонската млада актерка Наташа Петровиќ, која е меѓу десетте филмски надежи кои ќе ја имат својата промоција пред објективите, камерите и продуцентите од светски калибар. Во секој случај, убаво е чувството што Македонија годинава е активно присутна на Берлиналето. И тоа со најубавото и најдоброто што го има!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска