1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Македонија во заедничката европска борба против организираниот криминал

Тони Гламчевски29 ноември 2008

Македонија го потпиша договорот за соработка во областа на правосудството со Агенцијата на ЕУ „Еуројуст“- Европравда, со што таа се вклучи во заедничката европска борба против најтешките форми на организиран криминал.

https://p.dw.com/p/G5o3
Фотографија: dpa

Со вчерашното (29.11.2008) потпишување на договорот, Македонија официјално стана членка на агенцијата „Еуројуст“ – „Европравда“, независно тело на Европската Унија. Оваа агенција е место каде се разменуваат податоци и се советуваат претставниците на правосудните органи: судии, обвинители и полициски офицери од земјите членки на ЕУ. Преку „Европравда“ се врши ускладување на заедничката борба против организираниот криминал, трговијата со луѓе, борбата против тероризмот, екстрадицијата на обвинети, следење на извршувањето на европските судски налози и.т.н.

„Европравда“ може да даде свој придонес и во истрагите кои се водат во земјите членки врз основа на анализите кои се извршени од Европол. Надлежностите на двата органи се надополнуваат и се однесуваат на борбата против криминалот во информатиката, корупцијата и лажирањето, перењето пари, учеството во криминални организации или криминалот против природата.

Криминалот не познава граници

Договорот од страна на ЕУ го потпиша Лопес Да Мота, претседателот на Европравда, кој во таа прилика истакна дека прекуграничниот криминал е заеднички и сериозен проблем и дека единствената можност да се биде ефикасен против овој феномен е само зацврстувањето на соработката меѓу државите.

За да го потпише договорот, Македонија мораше да ги донесе Законот за јавно обвинителство и Законот за заштита на податоците, во кои се вградени високи европски стандарди. На потпишувањето, македонскиот министер за правда, Михајло Маневски потсети дека за да дојде дотука, Македонија изминатите две години усвоила околу 60 нови закони, основала седум нови судски органи и именувала 120 судии, а веќе се обучува втора генерација судии во Академијата за судии.

Mazedonischer Justiz Minister, Mihajlo Manevski
Михајло Маневски

Значаен чекор

За македонскиот министер за правда настанот беше среќен ден, бидејќи потпишувањето на договорот меѓу Македонија и „Евројуст“ претставува значаен чекор напред во процесот на европска интеграција на Македонија. Соработката како што појасни тој, ќе се остварува преку македонското јавно обвинителство и надлежните судски органи. Во таа прилика, Маневски увери дека „Република Македонија ќе даде целосен придонес во борбата против организираниот криминал и тероризмот како најголема опасност на современиот свет, кој може успешно да се спречува само со целосна регионална и меѓународна соработка.“

Договорот беше еден од условите на листата за ослободување на визниот режим на Македонија, но претседателот на Европравда, Лопес Да Мота, не сакаше да направи паралела меѓу двете прашања, изјавувајќи дека визите се различно прашање од криминалот, а неговата улога е не политичка.