1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И втора група пратеници ќе ги поддржи уставните измени

29 ноември 2018

Најголемо влијание врз одлуката на пратеници кои се решени во натамошната фаза да ги поддржат уставните имени, имала „двојната политика“ на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кон тоа прашање, велат партиски извори.

https://p.dw.com/p/396WY
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Уште неколку пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да дадат поддршка на уставните измени, кога во последната фаза од гласањето повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство, тврдат извори од ВМРО-ДПМНЕ. Нивната бројка и имињата не сакаат да ги обелоденат, со цел да спречат каков било притисок и непријатности врз нив, како што посочуваат „од страна на познатите центри задолжени за 'дициплинирање и превоспитување' на секој со поинаков став од партискиот“.

Запрашани дали растот на поддршката може да се смета како резултат на влијание од страна на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој во октомври беше исклучен од партијата, и на разрешениот потпретседател, Митко Јанчев, кои јавно изјавија дека повикаа на поддршка на процесот на уставни измени, нашите соговорници имаат јасен одговор.

„Во основа, тоа е лична, автономна одлука на дел од пратениците, но јасно е дека имаат големо охрабрувачко влијание и изјавите на угледни членови на партијата кои даваат поддршка на интеграциските процеси. Да не заборавиме, тука е и писмото кое го обелодени Владимир Пешевски, а е поддржано од голем број поранешни партиски функционери, во кое исто така се сугерира потребата од поддршка на уставните измени, како и заложбата за помирување“, велат нашите извори.

Тврдат дека иако бавно, се повеќе јакне атмосферата за поддршка на собранискиот процес и заложбите за конструктивност и помирување.  

Mitko Jancev
Фотографија: Privat

Пресудија двојните аршини

Според нив, сепак најголемо влијание врз одлуката на оние кои се решени да ги поддржат уставните имени, имала „двојната политика“ на раководството кон тоа прашање.

„И од последниот Конгрес на ЕПП во Хелсинки и од други европски фуинкционери, се повеќе стигнуваат јавни изјави, односно докази дека нашето раководство едно зборува пред нив, друго пред членството. Во странство се ветува конструктивност и отсуство на опструкции кон Договорот од Преспа, а овде - отпор и неприфаќање на тој Договор. Сега, кога тоа се потврдува речиси секојдневно, тешката 'магла' полека се расчистува, а во пратеничката група се помалку постои расположение да се биде заложник на такво лицемерие“, објаснуваат партиски извори.

За ваквиот двоен аршин во интервју на ТВ „канал 5“ говореше и Никола Тодоров, кој обвини дека партиското раководство во повеќе прилики во странство говорело едно, а дома друго. Притоа обелодени и дека „конструктивноста“ што Мицкоски ја ветувал на некои соговорници во Хелсинки, се однесувала на „воздржување од филибастеринг“ во процесот на уставни измени, каде што таа постапка практично и нема влијание, бидејќи сите фази се ограничени со строго утврдени рокови.

Nikola Todorov Mazedonischer Bildungsminister
Фотографија: MIA

„Практично, Мицковски ветил дека нема да го прави, она што и не може да го прави“, обелодени Тодоров, изразувајќи зачуденост од ваквиот обид за манипулирање на соговорниците.

Притоа тој потврди дека не разговарал со ниту еден од пратениците да гласаат, ниту планира да разговара со други за во иднина да гласаат.

„Тоа е одлука на пратениците и секој од нив сам си одлучува на која страна на историјата ќе застане“, рече Тодоров.

Опозициска револуција

Партиски извори велат дека пред ваквата одлука се кршат и други пратеници покрај веќе извесната „втора група“, но во овој момент се уште не се подготвени да „интерно“ да ги споделат нивните намери. И покрај тоа што атмосферата постепено се менува, особено под влијание на започнатиот процес на помирување, нашите соговорници тврдат дека тоа нема да се одрази кај сите во пратеничката група.

„Факт е, и дека има една група пратеници која свесно, од за нив познати причини не ги 'гледа' двојните стандарди на раководство, ниту сака да ги види. Таа група сигурно нема да го поддржи процесот“, тврдат од партијата. 

Тие кои безрезервно го поддржуваат Мицкоски, во наредните викенди ќе го придружуваат во протестите планирани во разни општини, а секоја среда пред платото на Владата. Ваквата динамика Мицкоски ја најви на синоќешниот партиски протест во Скопје, објавувајќи почеток на сеопшта револуција против Владата на Заев: национална, социјална економска, образовна...

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Излеговме и за националното понижување и за националното омаловажување, но излеговме и за сите економски порази, затоа што сме понесреќни, затоа што Македонија ни е посиромашна, затоа што Македонија ни е обвиткана со црнила и темнина (...) На следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко и ќе ви го покажеме местото каде вистински припаѓате, на буниште, на темната страна од истортијата“, и порача Мицкоски на власта.

„На темната страна на историјата е криминалното владеење на режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, реплицираа од СДСМ.

„Тоа е истиот оној Груевски на кого советник му беше токму Христијан Мицкоски. Нервозниот Мицкоски повторно покажа дека нема што да понуди пред граѓаните, нема план, нема визија, ниту програма за добро на граѓаните, туку нуди единствено деструкција, поделби и изолација. Мицкоски можеше да покаже дека е за иднината на државата, наместо да ја блокира, бојкотира и да го брани криминалот на Груевски и неговите соработници. Мицкоски требаше да покаже 'како се сака татковината' со тоа што ќе ги поддржеше процесите за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, со зачуван и зајакнат идентитет“, се вели во реакцијата од СДСМ.