1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И во туѓина, македонскиот јазик не се заборава

Милчо Јованоски17 август 2012

Во Охрид е во тек првиот „Летен камп “ за деца Македонци кои се родени и живеат на Балканот. Кампот е дел од проектот на Владата „Далеку, а блиску“, има за цел да го подигне познавањето на македонскиот јазик кај децата.

https://p.dw.com/p/15qRl
i
Фотографија: DW

Дваесеттина деца припадници на македонското национално малцинство од Албанија, Косово и Србија седум дена ќе се дружат и истовремено ќе го надградуваат сопственото ниво на познавање на македонскиот јазик преку учење, игра и забава. Според организаторите од македонското Министерство за надворешни работи се очекува да се создаде и поголемо заедништво помеѓу децата Македонци од соседните земји. Со дел од децата работи професор д-р Виолета Николовска од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип:

„Видовме колкави им се познавањата на македонскиот јазик и ги организиравме во групи. Се запознаваат со јазикот, а тие што го знаат го вежбаат малку повеќе, се изразуваат на македонски и учат за македонската историја  и култура. Ќе ги прошетаме низ Македонија. Доаѓавме преку Маврово и Дебар видовме многу убави места Струга, реката Црн Дрим“.

Преку курсеви да се зачува и збогати знаењето на македонскиот јазик

Д- р Николовска дообјаснува:

„Децата главно го знаат јазикот. Имаме мал број што помалку го познаваат. Има и такви кои одлично го знаат. Тоа се децата од Гора – Косово, но и децата од македонските села од Албанија. Мислам дека тоа е процес што бара малку повеќе аспекти да се исполнат. Тука е улогата на семејството и традицијата, колку тие им ја пренесуваат на своите деца“.

Во образовниот процес во Албанија единствено во Мала Преспа се учи македонскиот јазик во училиштата. Во неколку региони се одржуваат курсеви по македонски јазик, но во приватни објекти. Илми е еден од професорите, живее во селото Требиште во областа Голо Брдо:

„Предавам македонски јазик. Често одржуваме курсеви . Има околу 130 деца што го учат македонскиот јазик. Се работи за читање и пишување, а за зборување, тие веќе го зборуваат јазикот“. 

Фатри има 16 години и одлично го владее македонскиот:

„Македонскиот го зборуваме уште од раѓање. Тој ни е мајчин јазик. Од пред неколку години има и курс по македонски заедно со професорот и учиме и се запознаваме“.

Фатри има порака и до останатите Македонци кои се малцинство во Албанија и останатите земји на Балканот: жбж

„Тоа што се чувствуваат, тоа да бидат. Да учат ако има некој курс, да се запознаат и да го научат македонскиот јазик. “

Балканот е со различен мултиетнички, културен и религиозен состав

Со многу љубов за мајчиниот јазик зборуваат и деветгодишниот Емил од Гора- Косово,Кристина од Врбник, Петре од Корча, Албанија и Исидора од Врање- Србија :

„Јас сите зборови ги знаев. Учам и дома и на училиште на курс. Мене ми се допаѓа езерото и природата.

„Знам да зборувам, од малечка учев македонски. Знам и да пишувам, не многу ама знам. Ме интересира, многу ми е убаво. Сакам да учам уште повеќе и да прошетам градови во кои не сум била. На пример во Битола“.

„Дома секогаш македонски зборуваме. Живеам во Корча и со уште десет деца посетувам курс по македонски“.

„Сакам да учам македонски јазик. Мајка ми е од Штип. Многу е убав јазикот“ велат децата.

Отворајќи го кампот министерот за надворешни работи на РМ Никола Поповски рече: 

„Кампот ќе биде една голема додадена вредност за целиот регион во кој практично сите држави имаат повеќеетнички, културен и религиозен состав“. Во иднина се предвидува „Летниот камп” да прерасне во традиционален и да биде собир на најдобрите ученици кои ги посетувале разните модалитети  на изучување на македонскиот јазик во соседството и дијаспората.