1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Хезболах е во либанската влада?

18 јули 2006

Израелската офанзива ќе продолжи се додека не се разоружа Хезболах, изјави вчера израелскиот премиер Јехуд Олмерт. Меѓутоа, посматрачите велат дека со Хезболах нема да биде толку едноставно: добро е организирана, има широка поддршка, а освен тоа е застапена во либанската влада.

https://p.dw.com/p/Adzu
Борците на Хесболах делуваат како „држава во држава„
Борците на Хесболах делуваат како „држава во држава„Фотографија: AP

„Мислам дека е одлично што Хезболах е застапена во владата. Тоа е природно. Таа е дел од земјата и има право да биде во оваа влада„. Со овие зборови на 19 јули минатата година, новиот либански премиер Фуад Синиора го оправда своето решение да именува претставници на Хезболах во владата: пратеникот Мохамед Фнајш го доби ресорот енергија, а Тарад Хамадех министерството за труд.

Воопшто не беше лесно да се формира таа влада. Уште пред убиството на претходниот премиер Рафик Харири, политичките табори во земјата беа поларизирани многу повеќе од порано. Во центарот на критиките беше претседателот христијанот Емил Лахуд кој беше посматран како марионета на Сирија. За да го продлабочи своето влијание во Либан, Сирија дури се обиде да го смени уставот за да се продолжи мандатот на Лахуд. Кон критичарите на Лахуд припаѓаше и Харири што сигурно беше една од причините за неговото убиство. Во секој случај за многумина е јасно дека зад убиството се крие Сирија. Последица беше солидарноста на масите против Сирија што доведе до нејзино повлекување од Либан. Но, Лахуд до денес остана на власт и може да му го загорчи животот на секој премиер: тој одобрува закони или други важни решенија, со што може да ја парализира и блокира владата.

Тоа беше една од најважните прични што за премиер не беше именуван Саад Харири, синот на убиениот, туку Фуад Синиора. Тој беше близок со Рафик Харири, но не и со „Движењето за иднина„ на Саад и во прв ред важи за економски експерт. Нешто што на Либан итно му беше потребно. 126 од 128 пратеници гласаа за Синиора, надевајќи се дека ќе ги продолжи реформите на Рафик Харири. Таквото мнозинство се должи и на ветувањето на Синиора дека ќе ги земе предвид за формирањето на владата сите политички групации. Тоа пак се должи на неговата желба на овозможи национално помирување и да ги сведе на миниму можностите за критики. Врз таа основа, реши во кабинетот да го земе и Хезболах иако мораше да му биде јасно дека ова движење оперира како „држава во држава„ и не беше подготвено да и се потчини на централната влада.

Хезболах живее од самооткриената слава дека го истерал Израел од Либан пред шест години. Големата поддршка што ја добива од Сирија и Иран ова движење го прави фактор на моќта во Либан, па подобро е да се држи во владата, зашто против него владее беспомошност.