За ЕУ без Турција
5 август 2016Австрискиот канцелар Кристијан Керн само го изговари она што одамна им е јасно на сите политичари на одговорни позиции па и во централата во Брисел: пристапните преговори со Турција треба да бидат окончани. Тие веројатно беа осудени на пропаст уште од нивниот почеток во 2005 година. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, барем признава дека Турција уште години нема да биде зрела за пристапување во ЕУ.
Пред 11 години земјите членки на ЕУ имаа надеж дека тогаш проевропски настроениот премиер Ердоган во рок од една деценија би можел доминантно муслиманска Турција да ја доведе до ЕУ како модерна демократија во економски подем. Неговото тогашно кредо дека Турција еден ден ќе доминира во ЕУ, во Унијата беше пријателски игнорирано.
Повеќе нема надеж за напредок
Денес надеж повеќе нема. Реџеп Таип Ердоган од реформатор се преобрази во автократски претседател, кој ја поткопува правната држава, ги ограничува слободите на печатот и на мислењето и од неодамна со декрети во вонредната состојба подготвува конечна трансформација на турската држава во претседателски режим. Неговите најави за општествени „чистки“ навестуваат лошо.
Ердоган и државата која ја створи навистина не се зрели за пристап во ЕУ. Дури не се ни волни за пристап. Уште одамна пред спречениот пуч , претседателот во 2014 година изјави дека „му е сеедно“ дали ЕУ ќе ја прими во членство Турција или не. Тогаш тој со помош на поводливото правосудство штотуку беше уапсил неомилени новинари. ЕУ не треба да се меша, европските вредности не го засегаат, порача тогаш Ердоган.
Европската унија и покрај тоа остана на еднаш донесената одлука за водење на преговори за пристапување на Турција во ЕУ со отворен резултат. Зошто всушност да се водат такви приговори, кога секој знае дека тие никогаш нема да доведат до прием на Турција? Не би било ли поискрено, како што бара австрискиот канцелар, да се расчисти масата?
ЕУ не е во состојба да ја прими во членство Турција
Кон процесот на проширување на ЕУ секогаш припаѓаат две страни. Истотака искрено би било да се каже дека денес Унијата не е во состојба да ја прими Турција во свое членство: економски но и институционално ЕУ би била преоптоварана. Но и подготвеноста во бројни земји членки на ЕУ за прифаќање во заедницата на 80 милиони луѓе кои потекнуваат од поинакво културно милје, е силно ограничена. Во Германија конзервативната партиска база на Христијанско демократската унија на канцеларката Ангела Меркел е стриктно против полноправно членство на Турција во ЕУ.
Самиот претседател Ердоган се пожали за Европејците кои не ги сакале Турците, само затоа што се муслимани. Во тоа сигурно има и нешто вистина. Пред сѐ скептичните ЕУ граѓани не би ги сакале во Унијата Турците, кои- како Ердоган- го сметаат исламот за надмоќна идеологија и кои со презир говорат за ЕУ како за „христијански клуб“.
Приемот на Турција во ЕУ би морал да биде ратификуван во секоја земја членка, во дел и преку референдум. Тука и без тоа има мали изгледи за позитивна исход. Значи крајно време е двете страни да постигнат согласност за нова цел на нивните разговори. Зајакната економска соработка и безбедносно партнерство за одбрана од тероризмот се темите за кои двете страни имаат најголем интерес.
Како меур од сапуница
Фактички пристапните преговори веќе со години не се одржуваат, всушност тие вистински не ни започнаа. Тоа се должи на фактот дека Турција од 2015 непопустливо се противи, воопшто да ја признае земјата членка на ЕУ, Кипар. Северниот дел на островската држава е окупиран од Турција спротивно на меѓународното право. Сите обиди да се реши овој проблем досега пропаднаа пред сѐ поради турскиот отпор. Не може ни да се замисли дека националистички ориентираниот Ердоган тука би можел да попушти. Само поради тоа пристапните преговори немаат никаква смисла.
За официјално погребување на пристапните преговори е неопходна одлука на шефовите на држави или на влади на земјите членки на ЕУ, која веројатно ќе биде тешко да се постигне. Изгледите за прием на Турција се мртви веќе одамна. Турција за жал се оддалечи од ЕУ. Убавиот сон за европска Турција пукна како меур од сапуница.