1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинички центар-милионски предизборен мега проект

Костадин Делимитов
29 октомври 2016

Брзањето на власта да го спакува тендерот за клиничкиот центар „Мајка Тереза“ создава многу дилеми, но провоцира и големи сомнежи, пред сѐ коруптивни!

https://p.dw.com/p/2RlBh
Mazedonien Mutter Teresa-Klinik in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Повеќе години најавуван, многупати промовиран, конечно тргнува процесот за реализација на долгогодишниот владин проект за нов клинички центар. И тоа не било кога, туку на 5 декември, шест дена пред предвремените парламентарни избори. Проектот, кој според најавите ќе чини близу 130 милиони евра би го добила фирма која ќе има обврска да го изгради во период од четири години, или најдоцна до 2021 година. Овој, според власта, капитален проект би бил од огромно значење за целокупниот здравствен систем и круна на низата инвестиции што биле реализирани во овој сектор во изминатиов период. Сепак, ваквиот амбициозен проект кој власта го најавува како преродба на здравството, според упатените е и проблематичен, пред се поради тајмингот кој се одбира за да се реализира или започне целата процедура:

„Мора да се има предвид дека според законот за спречување на корупција, од моментот на распишување на изборите не можат да се користат јавни средства, односно буџетски пари за вакви намени. Тоа се повторува и во Изборниот законик. Но доколку сепак министерството за здравство се одлучи да ја додели јавната набавка во предвидениот период тоа би отворило работа за државната антикорупциска комисија која со тоа би добила и основ да го истражи случајот. Генерално не е спорно да има тендер, но спорно би било доколку јавната набавка се додели пред избори. За тендерите нема ограничување, но нивното доделување би требало да се реализира после изборите, односно од страна на новата влада која би се формирала“, вели Петар Тодоровски од Транспарентност Македонија. 

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Фотографија: MIA

Започнато- незавршено

Инвестицијата е далеку од непотребна, но не и од страна на власт која не само што покажала несериозност кон здравствениот систем, туку е и со сомнително поведение:

„Мислам дека овие луѓе немаат мандат за тоа бидејќи станува збор за осомничена група за сериозни обвиненија. Зошто би се сложиле ние како јавност тие и натаму да располагаат со овој буџет и да доделуваат ваков огромен проект кој во најмала рака е сомнителен. Не знам како немаат ниту срам да си дозволат мандат за таков голем проект кога повеќепати бевме сведоци на проекти кои чинеа многу пари и време, а не донесоа ништо“, реагира Дејан Ставриќ, лекар и поранешен синдикален лидер на вработените во Клиничкиот центар.

Листата на започнати, а нереализирани проекти на владите на ВМРО-ДПМНЕ во делот на здравството е долга, вели тој:

„Уште во времето на претходниот министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ имаше проект за поделба на клиники, се направи катастарска поделба и се потрошија милиони. Па проект за реконструкција кој исто така чинеше неколку милиони евра, па сомнителна зделка со некои италијански измамници чии управители беа затворани, па круната на промашеното беше идејата за Клинички центар во стара гинекологија за што исто така се потрошија милиони евра за рушење и подготовка на теренот. И што добивме, дупка и многу трошоци, а до сега тој требаше да биде готов. Да не зборуваме за потрошените пари за рекламни спотови и многу повеќе за нивно емитување“, смета Ставриќ.

Локација

Боде очи и фактот што проектот упорно се турка на старата локација, иако одамна со плановите е предвидена нова, на сосема друга страна од градот:

„Уште пред повеќе години, со урбанистичките планови предвидена е одлична локација за изградба на нов клинички центар во скопски Карпош, во делот кај Бардовци. Овој простор е идеален бидејќи е пристапен од секаде, има место за сите модерни придружни елементи што би го направиле и многу поефикасен. На пример без проблем би се обезбедил и простор за хелиодром, а да не зборуваме за паркинзи за автомобили. Погледнете секој ден каков хаос е на улиците на влезот и внатре во клиниките“.

Symbolbild Medizintechnik
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Grubitzsch

Тендерот е објавен на страницата на ЕУ каде се наведени сите потребни услови за заинтересираните компании кои би се вклучиле во овој проект. Понудата на заинтересираните мора да биде поткрепена со гаранција во висина од 2 милиони евра и треба да бидат доставени не подоцна од пладне на 5 декември, или два часа пред отворањето на понудите: 

„Целата постапка се спроведува по процедурите на Банката на Советот на Европа, а со користење на обрасците на Светска банка. Согласно процедурите, како критериум за евалуација по понудите е најниска економски оправдана цена која ги задоволува минимум најзначајните пост квалификациски услови како и специфично градежно искуство во вакви проекти како примарен изведувач“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Дел од упатените предупредуваат дека на здравството му се неопходни сериозни длабински реформи и тоа не само во делот на инфраструктурата туку и задржување на постојниот и регрутирање на нов и квалитетен медицински персонал кој буквално се распрска низ приватните болници. Бројни беа реакциите во изминатиов период дека прокламираните реформи биле всушност антиреформи и го уништувале здравствениот систем. Јавноста алармираше за бројни скандали, а беше сведок и на повеќе смртни случаи за кои сомнежите упатуваа на лекарски или системски пропусти. Власта во овие реакции постојано препознаваше исклучиво политика, но не и одговорност.