1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Зошто Ламија К. си ги одведе децата во „Исламската држава“?

Наоми Конрад
10 август 2018

Ирачките судови им судат на странците кои ѝ се приклучиле на Исламската држава. ДВ ја следи приказната на две Германки, Ламија К и нејзината ќерка Надја. Обете добија доживотен затвор од судот во Багдад

https://p.dw.com/p/32wf3
Irak Bagdad Todesstrafe für Massaker an Soldaten in Tikrit
Фотографија: picture-alliance/AP Images/K. Kadim

Беше 2014 година кога Ламија К. спакува две торби, ги зеде своите две ќерки, и замина во Сирија да ѝ се придружи на ткн. Исламска држава, која тогаш беше во подем низ Ирак и Сирија.
Разведена жена во рани 50 години, во периодот кога заминала, Ламија не информирала никого за одлуката, велат нејзините поранешни пријатели и познаници за ДВ.
Ламија пораснала во семејство од средна класа во Рабат, Мароко и се преселила во Трир, западна Германија, кон средината на 1990 откако добила грант за постдипломски студии по германистика. Таму го запознала човекот кој конвертирал во Ислам за да се ожени со неа и добиле три деца: момче и две девојчиња.
Во тоа време Ламија посетувала џамија за важните верски празници, но престанала да носи шамија откако се преселила во Германија. Нејзините пријатели од тој период ја опишуваат како „нормална“ и „либерална“.
„Таа не беше конзервативна или радикална“, се присетува нејзина пријателка.
Семејството се преселило во Мајнц, каде сопругот на Ламија добил работа. Таму, Ламија радикално се променила. „Не разбирам што се случи“, вели пријателка за ДВ.
Ламија се развела од сопругот додека децата биле малечки. Таа привремено ги однела во Мароко на неколку месеци, но потоа се вратила во Германија и се населила во градот Мајнхајм.
Нејасно е зошто се преселила во Мајнхајм, велат безбедносни извори, затоа што градот не се смета за жариште на радикали.
Во Мајнхајм, Ламија била повлечена и носела шамија и долги црни здолништа, вели жена која им била сосетка.
„Таа никогаш не комуницираше со некој како мене“, вели жената која е исто така со мароканско потекло, но носи куси здолништа и не ја покрива главата.

Радикализација на стари години

Се чини дека Ламија била привлечена од радикали кои се активни на онлајн форуми и социјални четови. Она што е невообичаено во нејзиниот случај е што била радикализирана на постари години. Најголем дел од преку 1.000 Германци кои ѝ се приклучија на Исламската држава од 2013 година беа помлади, најчесто во тинејџерски години или во рани 20.
Германските власти проценуваат дека околу една третина од оние кои им се приклучиле на екстремистички групи во Сирија и Ирак се вратиле во земјата, вклучително и околу 50 жени. Според Министерството за внатрешни работи, околу 270 германски жени и нивните деца се уште се во воената зона во Сирија и Ирак, а десетици други се затворени од властите заедно со своите деца во кампови или затвори.
Меѓу нив се и Ламија и нејзината постара ќерка Надја, како и бебето на Надја кое го добила од бракот со борец на Исламската држава со кој се омажила во Сирија. Помладата ќерка на Ламија била убиена во Ирак.
Ирачките сили ги уапсиле Ламија и Надја заедно со група жени и деца во Мосул во 2017 година, откако го презедоа градот од Исламската држава. Жените и децата оттогаш се префрлени во затвор во Багдад.

Мисија - ослободување на језидските заробеници на ИД

Доживотен затвор

Ирачките власти ги судат жените кои живееле со борци на Исламската држава. Ламија најпрво била осудена на смртна казна во јануари поради „логистичка поддршка и помош на терористичка група во извршување злосторства“. Подоцна казната била заменета во доживотен затвор. На почетокот на месецов и Надја добила казна доживотен затвор. Според агенциски извештаи, Надја пред судот изјавила дека не верува во идеологијата на ИД, но претходно признала дека секој месец добивала плата од групата.
Судењата на странските борци и нивните сопруги најчесто одат по брза постапка, а тортурата е широко распространета, велат од невладини организации. Поради тоа што надлежните сметаат дека обвинетите доброволно дошле во земјата за да ѝ се приклучат на Исламската држава „постои многу силна желба од ирачка страна да им се даваат поостри казни на странци“, вели за ДВ Белкис Виле, Ирачанка која работи за Хјуман рајтс воч. Притоа, вели Виле, нема никакви исклучоци за жените.
„Кога станува збор за прогон на странските жени, како да постои чувство дека со самото тоа што сте странец на територијата на Исламската држава, вие сте виновни“. Виле вели дека судовите воопшто не се заинтересирани да утврдат дали жените можеби биле донесени во Сирија и Ирак против својата волја или од страна на роднини.

Исламската држава регрутира џихадисти крај Охридското езеро

Германските власти истражуваат

Темата е многу чувствителна и во Германија. Владини претставници кои разговараа со ДВ анонимно велат дека не сакаат да создадат впечаток дека се мешаат во правосудниот систем на суверена држава. Тие планираат да остават да завршат сите судења, а потоа да извршат притисок доколку бидат пресудени смртни казни. Се прават обиди оние кои се веќе осудени на долготрајни затворски казни да им се овозможи да ги отслужат казните во Германија. Но мораат да бидат внимателни, затоа што во германската јавност нема големо расположение да се дозволи враќање на членови на терористичката група. Неколку жени и деца веќе се вратија во земјата. Можно е да се соочат со правни мерки. Само во текот на оваа година, германските власти отворија повеќе такви истраги. Но, досега судовите имаа став дека самото живеење на територијата на Исламската држава не е доволно за апсење.
Поранешните пријатели и познаници на Ламија се уште се обидуваат да сфатат што се случи со жената која така радикално се смени.
„Едноставно не знам“, вели една пријателка за ДВ. „Како може една самоуверена жена да стане толку радикализирана? Едноставно несфатливо“.

Дојче Веле го следи германскиот новинарски код кој ја потенцира важноста од заштита на приватноста на осомничени криминалци или жртви и презема обврска да не ги открива нивните целосни имиња во вакви случаи.