Зошто и дали подобро Хилари Клинтон отколку Доналд Трамп?
5 ноември 2016Само уште неколку денови и конечно светот ќе може да здивне, ќе се спасиме од секојдневните бомбардирања со најразлични свињарии што наводно или навистина можат да им се припишат на кандидатите за претседател на САД. Но, нема да се спасиме од тоа дека еден од нив – Хилари Клинтон или Доналд Трамп – ќе биде на чело на најмоќната држава на денешницава најмалку во наредните 4 години. По се` што се изнаслушавме за нив во предизборната кампања, по се` што излезе од нивна уста на сметка на противкандидатот, остануваат прашањата со каков углед еден од нив ќе ја врши веројатно најзначајната политичка функција во светот и со каков респект ќе гледаме на потезите што ќе ги влече идниот американски претседател.
Трамп спорен како личност
За мене лично останува дилема зошто пошироката меѓународна јавност, притоа мислам првенствено на европската, толку се згрози од можноста Трамп да ја добие битката, односно се постави толку неприкриено навивачки на страната на Хилари Клинтон? За Трамп дознавме дека е препотентно-самоуверен милијардер, сексист - всушност неизделкан мачо-мен (објавените сексистички изјави на Трамп, патем, се стари 20 години - што не мора да значи ни дека денес мисли поинаку!). Тоа се однесува на неговата личност, а критиките за другото – барем за дел од неговите политички ставови - не држи многу вода погледнато во огледалото на однесувањето на Европејците. Имено, дознавме дека Трамп наводно е расист, антиисламист, дека ќе градел ограда на границата кон Мексико за да спречи илегална емиграција - всушност ксенофобен тип. Ксенофобијата и антиисламско расположение не е нешто непознато ни во Европа, туку напротив, се` пораширено расположение на кое ни овдешните политичари досега не најдоа вистински контра-одговор. Како во Европа подигањето огради на границите да не беше единствениот ефикасен одговор против минатогодишното мигрантско цунами! Дознавме и дека Трамп наводно не платил данок на приходи од преку милијарда долари во изминатата деценија, користејќи законски поволности или недоречености. Во Европа тоа одамна е реалност за големите меѓународни концерни. Тоа, пак, на Трамп му го овозможила политичката каста во неговата земја, која ги донесува законите (како впрочем и во Европа за големите концерни). А Хилари Клинтон одамна е дел од таа каста и тоа е нејзиниот тежок товар.
Илјадници жртви на воинствената политика на Хилари Клинтон
Хилари Клинтон е долго време фактор во американската политика и заедно со сопругот Бил со децении се дел од американскиот естаблишмент. Тие обајцата, Бил дури и како претседател на САД, а Хилари како сенатор и министер за надворешни работи директно влијаеја врз политиката на нивната земја и врз развојот на настаните во светот со оглед на улогата на САД во него. Оттука на душа носат и дел од вината за уништена материјална подлога за егзистенција на илјадници луѓе, но и за загуба на илјадници и илјадници човечки животи во време на економски кризи и војни. Да го оставиме настрана Бил Клинтон и неговите војни, воената интервенција на Балканот и прекројувањето државни граници со примена на сила, со што е отворена вратата за оружени интервенции на НАТО во трети земји без легитимација на Советот за безбедност на ОН (преседан на кој се повикува и Русија како аргумент за нејзината интервенција во Украина и анексијата на Крим). Демократката Хилари Клинтон даде подршка за војната во Ирак што ја поведе републиканскиот претседател Џорџ Буш помладиот. Ирак до денес не успеа да застане на здрави нозе. Хилари беше министер за надворешни работи во времето на интервенцијата на неколку западни земји во Либија, предводени од САД. Таа африканска земја до ден-денес не се опорави од хаосот во кој беше втурната. Воениот ужас во Сирија во кој директно се вмешани и повеќе западни земји предводени од САД трае веќе пет години и уште не му се гледа крајот. Директен огромен материјален профит од тие војни има воено-индустрискиот комплекс, првенствено американскиот. Последица на тие војни се милиони бегалци кои се упатуваат првенствено кон Европа. А јавноста во Европа – политичката и медиумската рака под рака со неа – со сите симпатии е на страната на Клинтон! Според анкетите во Германија и огромен дел од граѓаните се за Клинтон, но одговорот за тоа е содржан во претходната реченица.
Стравот од Трамп е страв од популизмот
На прв поглед, светот се свртел на глава! Но, и не е сосем така. И Европа има свој политички естаблишмент испреплетен со високи банкарски и индустријалски кругови. Тој се чувствува загрозен. Пример од САД, токму од водечката земја во светот, дека и некој кој не бил дел од политичката елита може да го освои врвот, сигурно би претставувал поттик за слични, веќе забележливи трендови и на Стариот континент. Европскиот проблем е што засега овде како алтернатива се нудат политичари со крајно десничарски и популистички ставови. Демократскиот политички центар и натаму е доминиран од традиционалните партии чиј углед е опаднат. Раководството на Зелените, кои во почетокот внесоа нов, свеж ветер на политичката сцена, барем во Германија одамна ги откри и ги ужива поволностите од припадноста кон политичкиот естаблишмент. Левицата уште не може до крај да се ослободи од белегот на неуспешниот социјалистички (во терминологијата на Западот тоа е комунистички) експеримент. Така во Европа се отвора широк простор за популистички тези и популистички политичари. А Трамп со тезите кои ги застапува и начинот на кој ги претставува е токму олицетворение на популизмот.
Ќе се свртат ли на глава меѓународните односи?
И покрај тоа не гледам зошто Хилари Клитон би била подобар избор во очите на „остатокот од светот“. Освен оцените за предвидливоста на нејзината политика и генералната одбивност во однос на Трамп, не забележав некој валиден аргумент во јавно искажаните ставови на европските политичари. Наспроти предвидливоста на нејзината политика стои големата непознаница во однос на надворешната политика на Трамп како евентуален претседател. Јасно е дека најголемите стравови доаѓаат од неговите навестувања за сосем поинаква надворешна политика, за релативирање на улогата на НАТО, за можно подобро разбирање на САД со Русија. Тоа веќе би значело да се сврти на глава актуелната архитектура на меѓународните односи воспоставена во последниве нешто повеќе од две децении! Друго прашање е колку е тоа добро или лошо за светот и дали е воопшто лошо? И, не смее да се заборави дека меѓу она што го зборува некој кандидат за претседател на САД - дури и ако навистина и го мисли - и она што ќе може да го оствари, секогаш има разлика. Трамп е милијардер и е помалку зависен од донаторите за неговата кампања. Хилари Клинтон не е сиромашна, но е во голема мера зависна од донаторите (само браќата Кох, втори по богатство во САД, зад Бил Гејтс, донирале речиси 38,3 милиони долари). Нивните парични прилози, како што беше документирано во една репортажа на германската телевизија АРД (инаку емитувана некаде пред полноќ, кога просечниот Германец веќе спие), одат и во фондацијата на семејството Клинтон, а беа изнесени сомневања дека добар дел завршуваат и на нивно приватно конто. За Трамп се зборува во контекст на постфактичка ера, а притоа се забораваат лагите на Хилари... и така натаму, и така натаму.
Значи, зошто подобро Хилари Клинтон отколку Доналд Трамп?