1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ЕУ треба да и помогне на Македонија

Н.Димитров/И. Јордановска/ФАЦ4 мај 2016

Во колумна за престижниот германски Франкфуртер алгемајне цајтунг, Ивана Јордановска и Никола Димитров и порачуваат на ЕУ дека е време поцврсто да се заложи за европските вредности во Македонија.

https://p.dw.com/p/1IhTk
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нов бран протести ја заплисна Македонија, побројни од било кога досега. Симболично наречена „Шарена Револуција“ како игра на зборови насочена кон сите владини гласноговорници кои се „плашат“ од уште една „обоена револуција“, и самите демонстранти се шарени: млади, стари, студенти, вработени, мажи, жени и деца излегуваат на улиците секој ден во 18 часот и скандираат „Нема правда, нема мир“. Нецели 25 години по референдумот за независноста на земјата, граѓаните застануваат во одбрана на својата демократија и владеењето на правото.

Поттикнати од превентивната аболиција на претседателот Иванов на 56 политичари и нивни соработници кои беа под (сега запрена) истрага за изборни измами, корупција и бројни други злоупотреби, демонстрантите бараат повлекување на аболицијата, транспарентни судски постапки за сите инволвирани во заробувањето на државата, одложување на изборите и вклучување на граѓанското општество во решавањето на кризата. Иванов, кој воведе неказнивост за политичката класа, со тоа им порача на идните генерации: доколку сте доволно моќни и злобни, можете да се извлечете од секаков криминал.

Континуираните протести на улиците докажуваат дека Македонците се грижат за состојбата на демократијата во нивната земја. Сепак, аболицијата и стави крај на можноста кризата да се реши низ посредништво и демократски процес.

Но, зошто би требало Европа, која е соочена со толку предизвици како бегалската криза и Брекзит, да се грижи за малата Македонија?

Mazedonien Nikola Dimitrov und Ivana Jordanovska.
Авторите на колумната во ФАЦ, Никола Димитров и Ивана Јордановска. Фото: Од презентацијата на анализата „Решавање на кризата во Македонија“ во Скопје.Фотографија: Nikola Dimitrov

Границата постабилна од градовите

Најпрво, земјата е на првата линија на балканската бегалска рута. Иронично, по тринеделни протести македонската граница со Грција се чини постабилна отколку нејзините градови. Македонија веќе дефинитивно не може да биде стабилна без правда и почитување на владеењето на правото.

Второ, Македонија досега беше најголемата успешна приказна на конфликтниот менаџмент на ЕУ, откако во 2001 година, заедно со НАТО, и помогна на земјата да избегне граѓанска војна. Откако земјата ја претвори во еден од најкатострoфалните случаи против кредибилитетот на сопствената политика на проширување (поради постојаната блокада од Грција), ЕУ сега ризикува Македонија да стане и неуспешен случај на меѓународна превенција.

Трето, како што покажа смртоносниот викенд во Куманово минатиот мај, со дискредитирани институции, фрагилните меѓуетничките односи во Македонија можат да бидат погодна цел. Додека владата тврди дека групата планирала терористички напади во земјата, постојат сомнежи дека крвопролевањето на некој начин било искористено или дури и оркестрирано за да се оттргне вниманието од скандалот. Никој не може да предвиди кога опасната искра може да се потпали. Не смееме да ризикуваме. Мораме да ги доведеме во ред институциите.

Четврто, Македонија е само почеток. Во услови на континуирано демократско назадување низ целиот Западен Балкан, балканските моќници гледаат кон Македонија. Иако сомневањата за злоупотреби се раширени низ целиот регион, македонскиот случај е дотолку потешко да се игнорира затоа што тука злоупотребата на моќта е толку сеопфатно документирана и изложена. Тоа значи дека ЕУ не може да замижува. Додека авторитарните лидери практикуваат про-ЕУ вокабулар, всушност го воспоставуваат рускиот модел. Оттука, врвен интерес на Германија и на ЕУ е да се ангажираат во Македонија. Конечно, Москва тоа веќе го стори оценувајќи дека народниот револт против владата бил инициран „однадвор“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Непредвидливиот режим

Што понатаму? Европа и Германија не смеат повеќе да бегаат од вистината. Аболицијата на претседателот Иванов отворено го негира владеењето на правото и го поткопува Договорот постигнат со посредство на ЕУ, со што ја доведе кризата до точка на експлозија.

Претседателот Иванов ќе мора да најде начин да ја укине амнестијата или да се соочи со директни санкции, во форма на забрани за патување и меѓународна изолација.

Истите мерки треба да се преземат кон поранешни и актуелни владини функционери кои се осомничени, како дополнување на замрзнувањето на нивните имоти. Одговорот од режимот ќе биде непредвидлив. Но, доколку се остави на мира, состојбата е предвидлива: продлабочување на кризата и уште повеќе репресија, како што покажуваат последните селективни апсења на политички противници.

Со оглед дека условите за веродостојни избори не се исполнети, ЕУ уште сега треба да ги прогласи изборите на 5 јуни за неважечки, а ОБСЕ треба да ги повлече своите набљудувачи. Препораката за почеток на преговори од Европската комисија треба да се замрзне, а помошта да сопре додека Македонија не покаже веродостојни сигнали на демократско опоравување. Доколку аболицијата се повлече а изборите се одложат, ќе биде потребно испраќање на специјален пратеник во Скопје кој секојдневно, заедно со граѓанското општество, ќе прави напори за рестартирање на уназадената македонска демократија.

Пред 25 години, еден од „шарените“ автори на овој текст, Ивана, ги живееше првите денови од нејзиниот живот, додека вториот автор, Никола се подготвуваше да гласа за првпат. 25 години подоцна, нашите две генерации се порешителни од било кога да ја спасат единствената надеж за демократија која единствено ја знаеме. 25 години подоцна, борбата за оваа малечка земја е најважната битка во нашите животи.

Никола Димитров е поранешен македонски амбасадор во САД и Холандија, а во моментов е член на Хашкиот Институт за глобална правда.

Ивана Јордановска е демократски активист.