1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто е погрешна забраната на бурката

Мартин Муно/превод:Ж.А.19 август 2016

На Германија не и‘ е потребна забрана на бурката, зашто таа е само симптом. Многу поважно е правото на жените на самоопределување, смета Мартин Муно.

https://p.dw.com/p/1Jlk6
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Schuh

Лето 2016. година: Алепо се претставува како пекол на земјата, во Средоземното Море и натаму се дават бегалци, политиката на ниски каматни стапки ги празни касите на германското пензиско осигурување. А за што дискутира Германија? За едно парче штоф!

На оваа земја не и‘ е потребна забрана на бурката. И самиот збор е погрешен. Зашто, во Германија не постои бурка - облека која го покрива целосно лицето со мрежест штоф. Постојат жени кои носат никаб, кој го покрива целото тело и има мал отвор само за очите. Но, нивниот број е занемарливо мал.

Да нема недоразбирања: бурката, никабот и чадорот се репресивен израз на реакционерно сфаќање за жената, кое на мажот му овозможува тотално право да располага со женското тело. Но, овие покривки се само симптом. Принудното забулување е само едната страна: не само целосното покривање, туку и демостративното излагање на сексуализирани женски тела во јавноста, на пример во рекламите, е израз на истото сфаќање.

Muno Martin Kommentarbild App
Мартин Муно

Затоа, треба страсно да се бориме за општество во кое ова право на деспотско располагање со женското тело ќе му отстапи простор на правото на жените на самоопределување. Во случајов, тоа конкретно ќе значи: секоја жена сама треба да одлучи што ќе облече!

Беспомошност и популизам

Тукушто обелоденетите планови на демохристијанските покраински министри за внатрешни работи во секој случај се израз на беспомошност: нема да има целосна, туку делумна забрана за носење бурка. Се предлага на пример забрана за забулување при возење автомобил или во јавни установи. Но, ве молам: која забулена жена смее сама да вози, која смее да оди да работи? И овде се врши замена на симптомите со коренот на проблемот, тоа е потег за публика, популистички насочен кон приврзениците на партијата Алтернатива за Германија и движењето Пегида, пред претстојните покраински избори.

Всушност, ние имаме проблем: ако не успееме нашиот западен, слободарски општествен модел да го направиме поатрактивен од авторитарниот, ако сме отидени толку далеку да мораме законски да регулираме носење одредени делови облека, тогаш сме поразени во судирот на мислења. Големото ветување секој да смее да стреми кон индивидуална слобода, независно од потеклото, полот, бојата на кожата или сексуалната ориентација е централниот столб за нашето општество. Потребен е факел, а не тврдина.