Зошто децата читаат сѐ помалку?!
5 април 2014Потрагата по вистината, зошто денес децата читаат сѐ помалку, тргнува од домот и семејството. „Љубовта кон книгата родителите ни ја всадуваа од најмала возраст. Се трудам таа желба да му ја пренесам и на мојот син, но не оди лесно“, вели Мира, мајката на 10 годишниот Игор од Охрид.
Со тивкиот „бојкот“ кон читањето директно се соочуваат наставниците. „Членувањето во библиотеката и купувањето книги чини пари, а треба време за да се прочита лектирата. Темпото на живот го ограничува читањето. ТВ и компјутерот се достапни дури и за снимени и обработени лектири, филмови. Претходно се залагавме за нивно користење, а тие сега создават нови проблеми. Децата учат пред компјутер или во приватни школи и курсеви. Во џунглата од обврски желбата за читање слободна литератира кај нив е убиена“, смета одделенската наставничка со над 30 годишно искуство Виолета Илиевска од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.
Нејзината колешка Валентина Кузманоска објаснува: „Редовно одбираме најдобар читател во паралелките, ученик кој чита најмногу книги од библиотека, посетуваме саеми на книги, организираме средби со писатели, а сме вклучени и во проектот 'Со читање до лидерство' дури и родителите ги вклучивме во читањето во училница. Ефектите се надеваме допрва ќе дојдат.“
Што би било интересно за денешните деца и младинци?
„Кризата во литературата за деца започна пред 20 години и трае. Некогаш се печатеа и преведуваа дури по 100 лектирни и други книги за деца од домашни и странски автори. Сега има над 20 официјални издавачи, а продукцијата е мала,“ резимира Киро Донев поранешниот директор на „Детска радост“, еден од најпознатите и најплодни автори за деца во Македонија.
Горјан Петревски е во редот на најчитаните и најомилени македонски автори за деца. Тој потенцира: „Не би се согласил дека сѐ што ќе дојде однадвор е 'генијално', а нашето не е добро. И кај нас литературата за деца, колку и да е во застој со непојавувањето на нови имиња, има прекрасни дела што ни ги оставиле домашните автори. Секоја чест за добрите, но со преводите добиваме и изопачени теми, кои не се совпаѓаат со нашите стандарди и традиции.“
Гимназијалката Дамјана, внука на писателот Видое Видически зад себе има две книги за деца и млади ѝ вели: „Живееме во свет каде технологијата ја има моќта лесно да ја замени книгата со еден допир на екранот. Учениците задолжителните лектири често ги дефинираат како 'здодевни'. Постојат светски класици, вредат и треба да ги прочитаат. Македонските писатели треба да земат пример од актуелната светска литература. Нов, интересен, авантуристички крими, научно-фантастичен или љубовен роман секогаш би наишол на интерес кај младите,“ вели Видическа.
Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид Александра Белевска не го крие задоволството од зголемениот број читатели во библиотеката, вели дека се должи на понудата на нови наслови. „Посебно внимание посветуваме на децата од предучилишна возраст. Набавивме луксузни изданија на сликовници, книги за правилно однесување и воспитување на децата. Покрај безвремените македонски автори, С. Јаневски, В. Николески, В. Подгорец, С. Попов, најчитани се Горјан Петревски, Киро Донев, Славка Манева, Оливера Николова. Во најчитани странски автори спаѓаат Муни Вичер, Џеј Кеј Раулинг, Мек Кебот, Клајв Стапелс и други“.
Трката по профит поважна од квалитетот во изборот, преводот и лектурата
Генерално, продажбата на детската литертура не задоволува вели Ирина Ставрева одговорен уредник во редакцијата „Детска радост“.
„Повеќе издаваме дела од странски автори. Хит е едицијата романи 'Сара Кеј' која е препечатена дури четири пати. Настојуваме тоа да се дела кои се наградени, но и комерцијални за брзо да се продадат. Водиме сметка да бидат коректно преведени, но поради малите хонорари, тешко можат да се најдат добри преведувачи, кои можат дури да ја надградат книгата која ја преведуваат. Тоа останува да го сработи уредникот.“
Министерството за култура на РМ годинава решило да поддржи 51 проект сврзан со издавањето на книги за деца и тоа е добар потег, смета Нове Цветаноски сопстевник и уредник на издавачката куќа „Македоника литера“. Тој издава книги за деца и со поддршка на фондови од Хрватска и Шведска. Годинава ќе печати наслови од Улф Старк и Јохана Шпири, потоа шведски и бугарски народни приказни и том „Басни“ од покојниот Ристо Давчески кој оставил 30 тома необјавени басни и со тоа сигурно е најпродуктивниот автор на басни во светот.
„Има лоши преведувачи и лоши издавачи. Некои не внимаваат на преводот и го гледаат само комерцијалниот ефект. За жал и издавачите со моќна продукција печатат евтина литература. Замислете што значи на дете од мала возраст да му се понуди лош превод и нелекторирана книга. Детето ќе учи погрешни зборови, погрешна лексика и конструкција на речениците. Со таквите лоши преводи ги осакатуваме младите читатели,“ смета Цветаноски.
Сѐ погласни се настојувањата да се обнови списокот на нови лектирни изданија, кои ќе коинцидираат со времето, а ќе доминира домашниот автор. Треба да се стави ред и во преводната литература. Писателот Петревски додава: „Немам право да предлагам промени, но имам искуството да помогнам во тоа што барат читателите. Веќе е подготвен избор на нова лектира, која треба да стартува, веројатно од есен.“
„Неодамна десеттина автори за деца бевме примени од министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која се согласи државата да го стимулира издавањето на книги за деца и да се објават педесеттина највредни наслови за деца од македонски автори на неколку странски јазици,“ ни рече писателот Донев.