„Зошто гласаат за АфД? Погледнете наоколу!“
29 септември 2017На прашањето како се чувствува по изборите за Бундестагот, Рита Лојхуга одговара со длабока воздишка. „Има премногу глупави луѓе“, вели таа во разговор за ДВ.
Жената седната на клупа во еден парк во Дуизбург, западна Германија, е незадоволна што деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) на изборите доби 12,6% гласови, што значи дека освоениот број гласови во Дуизбург е нешто повисок од просекот на сојузно ниво.
„Бев шокирана, но некако и очекував“, вели Лојхуга. „Луѓето овде се уморни. Преку глава им е од ветувањата на политичарите.“
Таа вели дека разбира што толку многу луѓе во Дуизбург гласале за АфД. Градот има стапка на невработеност од 12,4%, што е двојно повеќе од невработеноста во остатокот од државата.
„Работата повторно мора да стане исплатлива“, вели Лојхуга и со тоа ненамерно го повторува слоганот кој стои на плакатите на АфД, а кои сѐ уште висат во центарот на Дуизбург.
Огорчени и заборавени
Кога се разговара со жителите на полумилионскиот град кој лежи на притоката на Рур во Рајна, брзо може да почувствува дека огорченоста кон политиката во Берлин е голема, а довербата - мала.
Големата коалиција на ЦДУ и на СПД кај повеќето жители на Дуизбург остави малку простор за воодушевување. Градот, како и целата Рурска област, некогаш важеше за упориште на СПД. Но, политичкото милје во Германија во 2017 година се промени.
59-годишниот учител Холгер Јоел смета дека многу гласачи на СПД мигрирале кај АфД затоа што се чувствуваат зборавени и напуштени од владата.
Навистина, СПД во Дуизбург постигна историски лош резултат, но социјалдемократите во своето некогашно упориште, со 33% освоени втори гласови, сепак останаа најсилна партија. А, освен тоа, директен мандат за Бундестагот добија и двајца кандидати на СПД - Бербел Бас и Махмут Ездемир.
„Сѐ се промени“
Во Близина на најголемиот трговски центар во Дуизбург, на есенското сонце одмараат Манфред и Елфи Крац. Двајцата велат дека се чувствуваат „прилично добро“ поради изборните резултати. Не се загрижени поради влезот на АфД во Бундестагот.
„Тоа беа чисти протестни избирачи“, вели Манфред Крац и клима со главата. „АфД брзо ќе лета од Бундестагот.“ Но, потоа 77-годишникот зборува со нешто поинаков тон: гласање за популистите „би можело нешто да промени“.
На прашањето - зошто толку многу жители на Дуизбург ја поддржуваат АфД, Крац го стивнува гласот и одговара: „Погледнете наоколу.“
Неколку жени со бурка си играат со децата на една од многуте фонтани во околината. Мажи во групи по двајца шетаат покрај продавниците. Дел од нив зборува германски, другите не. Сцена која ја отсликува разноликоста во земјата. И, која ги загрижува господин и госпоѓа Крац.
„Многу луѓе се плашат од бегалците“, вели Елфи Крац. Таа и сопругот сметаат дека бегалската политика на Меркел била главна причина што АфД постигнала толкав успех во Дуизбург. „Веќе не се осмелувам навечер без сопругот да излезам од дома“, вели 66-годишната жена. „Сѐ се промени.“
Марксло - упориштето на АфД
Во населбата Марксло, на 20 минути возење со трамвај од центарот на градот, мајки и татковци туркаат колички за деца покрај редица продавници за невестински фустани која се чини нема крај. Овој кварт важи за еден од најсиромашните во Германија, а поради високата стапка на криминал од дел од медиумите е веќе прогласен за „No-Go-Area“.
Две третини од луѓето овде се со мигрантско потекло. А, речиси една третина од луѓето кои имаат право на глас во Марксло во неделата гласале за АфД. Со оглед на тоа што многу луѓе во населбата живеат без германски пасоши, само дел од населението има право да гласа.
Дел од жителите во квартот го славеа резултатот, но не поради релативно добриот резултат на АфД. „Сѐ ќе биде добро, затоа што победи Меркел“, вели на пример 23-годишниот Омер Акам, млад Курд од Ирак.
„Тоа го славиме сите, моите пријатели, моето семејство“, додава Сахап Оцчелилик, 27-годишен Курд од Турција. „Добро е што ја има Меркел.“
Амал Мустафа, пак, е загрижена. 29-годишната Сиријка стравува од АфД, „зашто оваа партија е против странци“. Оттука, таа е малку разочарана од изборните резултати во Дуизбург,
29-годишниот Сириец Арас Ибрахим покажува разбирање за приврзаницте на АфД. „За нешто имаат право“, вели тој. „Некои странци се криминалци, но не сме сите исти. Се надевам само дека нема да се вратиме во времиња кои ќе наликуваат на оние од пред 70 години“, додава тој. Зашто, никој не сака враќање на нацистичкото време. „Најважно е сите да живееме во мир.“