Зошто Авганистанците не го сакаат Пакистан?
5 септември 2015Многу Аганистанци еуфорично ја примија веста за смртта на поранешниот шеф на пакистанската разузнавачка служба Хамид Гул, на почетокот од минатиот месец. Луѓето дури излегоа на улиците на Кабул и другите поголеми градови, со песна и игра да ја прослават смртта на човекот, кого го нарекуваа „џелат на Авганистанци“.
Гуловата улога како шеф на пакистанската воена полиција (ИСИ) во текот на војната во Авганистан во 1980-тите не е непозната. Човекот кој во Пакистан беше славен како „воен херој“, блиско соработуваше со Америка и други западни земји, настојувајќи да им ги замрси сметките на Советите во Авганистан. Но, она од што најмногу им се згади на Авганистанците во неговиот случај, е Гуловата истовремена поддршка на авганистанскиот воен лорд Гулбедин Хекматјар во борбата против просоветските сили и против поранешните авганистански претседатели Наџибула (1987-92) и Бурханудин Рабани (1992-96).
„Гул и ИСИ на ниту една авганистанска влада не и‘ дозволуваа да успее откако советските сили се повлекоа од земјата“, вели Фарук Сулехрија, пакистански истражувач и новинар, кој денес живее во Лондон. „Тоа беше една од најлошите епохи во историјата на Авганистан, а Гул беше креатор на сето тоа.“
Гул се повлече од должност во 1992 година, но продолжи да ги поддржува происламабадските групи во Авганистан. Ги задржа и силните врски во разузнавачката служба, која од 1994 година веќе започна да го обучува и наоружува се’ помоќното талибанско движење. Се’ до смртта, на 15 август оваа година, Гул не престана да ги поддржува талибанците, Ал-Каеда и други џихадистички движења, како што е Исламска држава.
Хиламан Катавазаи, жител на авганиска покраина Пактика, беше меѓу оние кои ја славеа смртта на Гул. „Луѓето се радуваа поради неговата смрт. Ме повикаа и мене да им се приклучам во уличната прослава, бидејќи сметаат дека Гул беше тој кој ја креираше авганистанската војна“, вели тој.
„Кога почина поранешниот пакистански диктатор Зиа-ул-Хак, сите Авганистанци жалеа по него. Не знаевме кој беше Зиа-ул-Хак и што неговата земја работеше против нас. Сега кога ги знаеме намерите на пакистанската војска и на ИСИ, се радуваме на смртта на секој за кого мислиме дека е одговорен за нашата беда“, нагласува Катавази.
Историја на недоверба
„Минатото покажа дека Пакистан секогаш сакаше слаба влада во Авганистан за да се одржува како единствен медијатор на меѓународната заедница за кризата во своето соседство“, тврди Ахмад Зиа Ферозпур, професор на универзитетот Балк, и додава дека Пакистан бил задоволен со состојбата во Авганистан само за време на талибанскиот режим.
„Исламабад во 2001 година, под притисок на меѓународната заедница, се согласи да се приклучи во кампањата против талибанците, но продолжи со двојна игра, поддржувајќи ги истовремено исламистичките бунтовници, но и меѓународните напори во Авганистан“, нагласува Ферозпур.
Во секој случај, додава тој, гневот на Авганистанците се однесува исклучиво на пакистанската воена структура и на ИСИ, а не и на пакистанскиот народ.
Како што тврди Садаф Гејаси, авганистански новинар и активист, социјалните медиуми играат голема улога во тоа како Авганистан денес гледа на Пакистан. „Авганистанската влада достави уверливи докази за мешањето на Пакистан во авганистанската политика преку социјалните медиуми“, вели тој.
Но, работите можат да се променат, смета Шукрија Баракзаи, член на авганистаниот парламент. „Она што го бараме од Пакистан не е невозможно - сакаме Исламабад да потпише привремен договор со Авганистан и да престане да се меша во прашањето на безбедноста на Авганистан“, вели Баракзаи за Дојче веле и додава: „Авганистан со Пакистан ги испроба сите опции. Доколку Пакистан не ја промени својата политика, нашата последна опција ќе биде да се обратиме до Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Мировен процес
Исламабад, од друга страна, тврди дека е подготвен за соработка. Ги отфрла обвиненијата дека се меша во внатрешната политика на Авганистан и нагласува дека само сака да го олесни мировниот процес. Освен успешните мировни преговори, во кои Пакистан посредуваше меѓу авганистанската влада и талибанците, не е направен ниту еден друг важен чекор. Авганистанскиот претседател Ашраф Гани неодамна го нападна Исламабад поради очигледната незаинтересираност за соработка во преговорите.
„Пакистан треба да има разбирање за ситуацијата во Авганистан и да има исти стандарди кон прашањата за тероризам во Авганистан, какви што има и за тероризмот на својата територија“, изјави неодамна Гани и додаде дека преговорите со талибанците се исклучиво авганистански процес.
Гани исто така изрази гнев кон Пакистан поради серија бомбашки напади пред неколку недели, во кои се убиени десетици лица. Истовремено го обвини Пакистан за неспособност да ги спречи исламистичките милитанти во планирање и извршување терористички напади од негова територија.
„Се надевавме на мир, но од пакистанската територија се прогласи војна“, изјави Гани на конференција за новинари на почеток на август.
Сепак, мали се шансите дека гневот на Авганистанците ќе влијае врз промената на пакистанската политика кон Авганистан, со оглед на тоа дека пакистанските цивилни и воени структури се’ уште ги сметаат талибанците за стратешки сојузници. Исламабад верува дека претставниците на исламистички групи треба да учествуваат во работата на авганистанската влада. Нетрални набљудувачи сметаат дека пакистанските воени структури настојуваат да го обноват влијанието во Кабул, какво што имаа пред САД и западните сојузници да го соборат пропакистанскиот талибански режим во Авганистан во 2001 година.
Мет Валдман, предавач на универзитетот Харвард кој се занимава со истражување на авганистанскиот судир, верува дека Пакистан нема лесно да се откаже од поддршка на талибанците. „Доказите укажуваат на тоа дека Пакистан не ја промени позначително својата политика кон Авганистан“, изјави Валдман за ДВ.
Зигфрид О. Волф, експерт за политички науки на универзитет во Хајделберг, има слично мислење. Тој смета дека некои елементи во рамките на пакистанската безбедносна структура се’ уште веруваат дека талибанците можат да им помогнат и во искоренување на индиското присуство во Авганистан.
Политички двор
Но, наспроти таквите напори, врските на Кабул со Њу Делхи дури и се подобрени, што ги иритира функционерите во Исламабад. Додека Индија уште од 2001 година е активна во изградбата на Авганистан, улогата на Пакистан во тој поглед е занемарлива, тврди Сулехрија. „Давајќи поддршка на талибанците, Исламабад придонесе за уништување на Авганистан. Често го посетувам Кабул и можат да кажам дека Пакистан е многу непопуларен во Авганистан. Жално е што Исламабад не е подготвен да го промени курсот“, вели тој.
Сулехрија нагласува дека Авганистан многу се променил во последните години, и дека објективната реалност и субјективни фактори веќе не одат во полза на Пакистан. „Пакистан сега веќе не може да им диктира услови на авганистанските власти и на остатокот од светот. Мислам дека Пакистан веќе ја загуби оваа ’посредничка’ војна.“
„Кабул сега одржува пријателски однос со Њу Делхи, додека Исламабад продолжува со поддршка на талибанците. Пакистан сака да го промени таквото сценарио и Авганистан повторно да го доведе во својот политички двор“, заклучува Сулехрија.
Пакистан - жртвено јагне?
Пакистанската влада тврди дека на авганистанските функционери им е лесно да го обвинат Пакистан за сопствените неуспеси. Како што сметаат некои аналитичари, авганистанските политичари мораат некако да се правдаат пред својот народ, а тоа го прават така што за се’ го обвинуваат Исламабад.
Но, Шукрија Баракзаи вели дека тоа не е вистина: „Не мислам дека го користиме Пакистан како жртвено јагне. Нашите проблеми со Пакистан не се ограничени само на политички прашања, туку и на економски. Авганистан не е единствена земја која ги обвинува пакистанските власти за мешање во внатрешната политика. Погледнете ги Индија, Бангладеш и Кина, земји кои имаат слични проблеми со Исламабад“.