1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоран Иванов: 25 години- скептицизам, еуфорија па депресија!

Катерина Блажевска8 септември 2016

Илјадници граѓани се туркаа до бината да слушнат дека се раѓа нивната независна држава, се потсетува Зоран Иванов, Главен уредник на Радио Скопје во 1991 година, медиум кој беше еден од клучните агенси на промените.

https://p.dw.com/p/1Jx4b
Фотографија: P. Stojanovski

„Самостојна Македонија 25 години: од скептицизам преку еуфорија до депресија. Вака блиц, во три спротивставени поими, би можел да го сместам моето денешно чувство за македонските етапи на четврт век самостојна државност“, вели новинарот Зоран Иванов, осврнувајќи се на денешниот јубилеј. Тој е исклучително релевантен соговорник на оваа тема, не само како новинар, хроничар на настаните во изминатите 25 години. Како Главен и одговорен уредник на Радио Скопје во историската 1991 година, тој и тимот од овој медиум беа многу повеќе од медиумски глас. Зоран Иванов во разговор за Дојче веле потсетува како Радиото стана еден од клучните агенси на промените, со кои Македонија стана самостојна и независна држава.

ДВ: Каква беше атмосферата во времето пред големата одлука?

Иванов: За волја на објективноста, мнозинството македонски граѓани само некоја година пред бурните настани во почетокот на последната декада од минатиот век, не ни помислуваа за самостојност на државата. Како и сега, и тогаш меѓу причините беа и стравот како колективен ментален белег на нацијата во тие премрежни времиња предизвикани од бранот на Берлинскиот ѕид, распадот на социјализмот и атрофијата на комунистичките партии во таканарачениот социјалистички блок. Економската криза, српскиот хегемонизам и хрватскот егоцентризам, со национализмот како основна алатка ја втурнаа федерацијата во крвавиот конфликт и веќе во таа 1991 година беше сосема јасно дека Југославија се распаѓа, за среќа само по шевовите на републичките граници. Во такви околности, во кои почна да звечка оружјето и внатре во сојузната армија и меѓу локалните новокомпонирани војски и паравојски, Македонија без оглед на поделените желби на нејзините граѓани да се осамостои или да се бори за враќање на федерацијата, едноставно беше „истуркана“ во самостојност. Ова секако не го велам во негативен контекст.

ДВ: Имаше ли воопшто Македонија друг избор?

Иванов: Напротив, Македонија немаше избор. Референдумот од 8-ми септември беше единственото можно решение кое во себе сублимираше две тогаш спротивставени опции меѓу граѓаните: државата да се одвои мирно без крвопролевања каков што сигнал сакаше да се испрати со референдумот и, втората, за која прашањето даваше можност, доколку и евентуално федерацијата ги надминеше недоразбирањата меѓу членките, републиката да се врати во федералната рамка. Секако, ова второто беше само популистички дизајн со кој се сакаше да се смират уплашените за егзистенцијата на државата како самостоен меѓународен субјект, бидејќи федералните центри веќе тогаш беа толку слаби, а републичките толку осилени и непријателски спротивставени, што единствената реална опција беше референдумот да успее, и Македонија да тргне по сопствениот пат на самостојна, независна и суверена држава. Дали токму тој сопствен самостоен пат беше причината што двете главни национални партии на Македонците и на Албанците во Македонија тогаш се противеа на одржување на референдумот кој сам по себе дефинираше конечна и историска народна определба за самостојна држава? И дали тоа некому од политички, историски или пак од некакви лукративни причини не му одговараше? Ако има кој да ги праша, одговор се уште можат да дадат тогашните водечки политички актери.

ДВ: Без оглед на споменатите стравови и отпори, резултатите од референдумот беа јасни и ја покажаа волјата на граѓаните за самостојна држава. Какви беа првите реакции?

Иванов: Референдумот беше неизбежно успешен. Народот го кажа своето и, натаму Собранието и другите институции повеќе или помалку успешно, ги моделираа атрибутите на новиот меѓународен субјект, за прв пат во својата историја, на самостојна Република Македонија. Ние современиците сме сведоци дека во тие, сега веќе историски околности, биле пренагласени и еуфоријата и скепсата. Малкумина од тие генерации, кои заедно со сите граѓани на плеќи ја истуркаа самостојноста, денес се задоволни од резултатите. Но ете, тој факт нека биде предизвик за сегашниве генерации. За нашата, ова време пред 25 години беше и мотив и предизвик. И желба и провокација. Во тогашниот само никулест плурален амбиент неколкуте медиуми мошне самосвесно го презедоа својот дел од одговорноста. Да информираат, но и да комуницираат со граѓаните за сите настани, дилеми, стравови, неизвесности, но и на очекувања, ентузијазам и радости за историски дадената можност Македонија да стане самостојна и независна.

Porträt Zoran Ivanov
Зоран Иванов на местото каде пред 25 години беше поставена бинатаФотографија: P. Stojanovski

ДВ: Македонското радио, Радио Скопје, испиша значаен дел од историјата во тие денови. Со еден збор, ја понесе „палката“ на процесот. Како Радиото стана спиритус мовенс во тој историски исчекор?

Иванов: Радио Скопје беше предводник на тие процеси и 24-часовен аниматор на јавноста. Во нашите студија дефилираа политичари од се побројните нови партии, професори, уметници, умерени и бунтовни интелектуалци, јавни личности од сите провиниенции. Радиото беше вистинскиот плуралистички мегдан, полемичар, организатор на бројни дебати. Беше единствениот медиум отворен за граѓаните, за нивните ставови. Во директните програми дневно, преку отворените и нецензурирани телефонски линии во етерот директно се вклучуваа и по триста, четиристотини граѓани дневно. Таа симбиоза меѓу граѓаните и Радиото како природно да ни наметна обврска и како на поединци - на техничарите и новинарите, особено на новинарите од средната и младата генерација, како редакција и медиум да бидеме дел од организацијата на референдумот, и тоа не само во делот на нашите програмски задачи. Така спонтано се роди идејата Радиото, медиумот на граѓаните, да ја подигне бината на скопскиот плоштад на која требаше политичарите да ја соопштат веста за успешноста на референдумот, чинот на раѓањето на новата држава. Ова, верувам дека веќе е некаде запишано како историски факт, но не е на одмет да се потсетам и јас, и читателите на овие редови. Значи бината, дрвената платформа со соодветната сценографија што дента на 8-ми септември никна на скопскиот плоштад веднаш пред Камени мост, е дело на Радио Скопје.

ДВ: Генерациите родени по 1991 година, чинот на осамостојувањето го „доживуваат“ само преку неколкуте архивски снимки на кои е прикажан големиот огномет и прославувањето со шише шампањ. Тие и не ја знаат приказната што течеше токму низ подвижното студио на Радио Скопје.

Иванов: И огнометот што бликна откако актуелниот државен врв од бината ја соопшти волјата на граѓаните, исто така беше дело на Радио Скопје како наш придонес кон општата радост, која, како што растеа процентите на излезност и на потврда на референдумското прашање, стануваше се поеуфорична. Радио Скопје тогаш своето подвижно студио го пресели на плоштадот, до бината. Со директен пренос од минута во минута јавуваше за резултатите од изјаснувањето. Од минута во минута ги соопштуваше бројките и процентите на референдумската излезност и на потврдените гласови кои ја оформуваа македонската самостојност. Плоштадот тогаш беше празен од градби, но беше преполнет со народ. Илјадници граѓани се туркаа да бидат поблиску до бината, лично од прва рака да слушнат дека во таа ведра и топла септемвриска вечер се раѓа нивната држава, и да бидат и сведоци и директни учесници на тој чин. Ете, така некако и ние од Радиото бевме и сведоци, и креатори, и директни актери на таа спонатана прослава. Како и во деновите пред референдумот, како и во ноќта спроти референдумот од градскиот парк, така и таа вечер на референдумот, на народното изјаснување, со директна и отворена ноќна програма во живо Радиото беше тука, каде што беа луѓето со своите очекувања. Ние бевме со нив.

ДВ: Дојде време да се преиспитаме. По 25 години, каде сме денес?

Иванов: Тоа е актуелното прашање, сега, по 25 години. Па секако, има резултати. Македонија е со сите институционални и меѓународни атрибути на самостојна, независна и суверена држава. Но, и со уште почетнички демократски капацитети, со минорни резултати во сите области, со ниска државотворна свест, со никаква политичка култура, со неотпорност кон политичките девијации, со доминантен клиентелистички менталитет, со коруптивни навики, со партиски непотизми, со партизираност од врвот на државата до работното место и семејството, со неслободни медиуми, со подјармени културни установи, со масовно иселување на млади, паметни и образовани луѓе... Со збор-два, македонското општество во целост е во атрофија, која во супстанца ја загрозува државноста. Во еден ваков амбиент, во кој веќе достигнавме многу дна, иднината е многу неизвесна. Политичката криза предолго трае, телефонските снимки го покажаа сето грдо лице на властодршците. Апатијата во општеството стана доминантна категорија.

ДВ: Сега кога повторно сме вратени на истите предизвици од пред 25 години, гледате ли општествен потенцијал за справување со сите девијации?

Иванов: Сепак, јас сум оптимист. Оваа состојба е неодржлива, таа мора да падне и кај и да е, тоа ќе се случи. Ни претстои ново ослободување, нова транзиција која ќе биде болна и мачна. Да се надеваме дека ќе трае кратко и дека оваа генерација има потенцијал да ги урне фасадите, да ги разгради маските со кои е прекриена државата и да ги поврати, иако почетните, сепак европските граѓански вредности што му ги украде бескрупулозната актуелна политика.