ЕУ започна постапка против Кипар и Малта
20 октомври 2020Комисијата на ЕУ во образложението на одлуката истакна дека давањето на овие државјанства, а со самото тоа и на ЕУ-државјанство, во замена за однапред одредено плаќање или инвестиција и без вистинска врска со овие две членки, не е во согласност со Договорот на ЕУ.
Во таквите шеми, исто така, се подрива и интегритетот на статусот за државјанство во ЕУ предвиден со Договорот за функционирање во ЕУ. Овие шеми, поради природата на ЕУ-државјанството имаат последици врз Унијата во целост, оцени Европската комисија.
„Кога една членка му доделува државјанство на некое лице, тоа автоматски станува државјанин на ЕУ, и ги ужива сите права со тој статус, како што се правата на движење, престој и работа ширум Европа или правата да гласа на локални избори, како и на изборите за Европскиот парламент“, стои во соопшението на ЕК.
Повеќе:
-ЕУ сака да ја запре продажбата на пасоши
-Крај на „распродажбата“ на ЕУ-државјанства?
-Богатите побрзо стануваат државјани на ЕУ
Последица, како што се наведува, е тоа што ефектите од шемата на давање државјанство за инвестиција не се ограничени на членката која ја имаа оваа шема, ниту се неутрални во однос на другите членки на ЕУ и Унијата во целост. Комисијата истакна дека таквите шеми ја подриваат суштината на ЕУ-државјанството.
Владите на Кипар и на Малта сега имаат рок од два месеца да одговорат на формалното известување од Комисијата. Ако нивните одговори не бидат задоволувачки, Комисијата може да објави образложено мислење за прашањето од постапката.