1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Златна зора“ - грчките неонацисти пред распад

Јанис Пападимитриу
26 јули 2019

Десноекстремистичката партија „Златна зора“ не успеа да влезе во грчкиот парламент. Сега ѝ се заканува внатрешен спор и проблеми на суд.

https://p.dw.com/p/3MlSI
Griechenland Goldene Morgenröte Nikolaos Michaloliakos Parteichef
Николаос Михалолиакос, лидер на „Златна Зора“Фотографија: picture-alliance/dpa

Ова беше најразочарувачкиот изборен исход: со 2,93 проценти освоени гласови десноекстремистичката партија „Златна зора“ не го достигна минимумот од три проценти за влез во парламентот. По парламентарните избори на 7 јули веројатно ќе мора да ги погребаат своите политички амбиции за следните четири години. Една друга десничарска групација, таканаречена „Грчко решение“, успеа да влезе во парламентот. Лидерот на партијата Кирјакос Велопулос важи за непредвидлив популист, но не е милитантен. Очигледно, десничарските гласачи се решија за помалку радикално решение и овојпат ѝ завртеа грб на „Златна зора“.

По изборите, Николаос Михалолиакос во еден телевизиски настап зборуваше за наводно предавство на неговите поранешни колеги. Почеток на крајот за една насилна група? Многу возможно, вели политикологот Василики Георгијаду, која го истражува десничарскиот екстремизам и има напишано повеќе книги на таа тема. „Не само успехот, туку и организаторската моќ на 'Златна зора' очигледно се намали“, вели Георгијаду за ДВ. Во изминативе години партијата практично функционираше како милициски одред, ги мобилизираше своите луѓе, кои пред сѐ во главниот град Атина се бореа за своите упоришта. Но, кога политичкиот успех изостана, оваа неонацистичка партија веќе не е атрактивна за нејзините поддржувачи, смета овој експерт. Друга последица е: „Таканаречениот лидерски принцип се чини веќе не функционира, а лидерот на партијата Михалолиакос не е вечен."

Кривичниот процес продолжува

Меѓу другото продолжува и судскиот процес против Михалолиакос и други водечки членови за „членство во криминално здружение“. За овој деликт може да се добие и до десет години затвор, а заедно со други кривични дела може да им биде досуден и доживотен затвор. Процесот беше отворен по убиството на левичарскиот активист Павлос Фисас во пристанишниот град Пиреја пред шест години. Тогаш грчките неонацисти од „Златна зора“ имаа 18 пратеници во парламентот. Јавното обвинителство се сомнева дека убиството е по нарачка на Михалолиакос или други раководни членови на партијата. Член на партијата, Јоргос Рупакис одамна призна дека тој го прободел Павлос Фисас. Минатиот четврток беше на сослушување во судот. Ако некој се надеваше дека ќе слушне каење, мора да е разочаран: „Тоа беше едноставно убиство од кое вие направивте огромна тема," протестираше Рупакис пред судот. „Срамота“, гласеше насловот во атинскиот весник „Етнос“.

Athen Plakat zum ermordeten Rapper Petros Fyssas
„Павлос Фисас ќивее“ - плакат во Атина кој потсетува на убиениот рапер и активистФотографија: DW/I. Anastassopoulou

Повеќе:

 Грција: Промена на власта среде одмори

Ренесанса на фашистите во Грција

Во 2014 година, во високо обезбедуваниот затвор во Кордалос, започна процес против вкупно 69 члена или поддржувачи на „Златна зора“. Во разговор за ДВ, Костас Пападакис, еден од адвокатите на жртвата, се жалеше на недостатоци во безбедносниот систем и тесните простории таму. Сепак, тој се надеваше дека процесот ќе заврши најмногу за година и половина. Но, оттогаш поминаа пет години, а пресудата се очекува дури оваа есен. Фактот дека мелниците на судството мелат бавно не е едниствената причина за особено долготрајната постапка, смета експертката за десничарски екстремизам, Георгијаду. Доказите се компликувани, и не се работи само за убиството на левичарскиот активист Фисас, туку и за други кривични дела на осомничените. Освен тоа, одбраната постојано се обидува да го одложи процесот преку разни процедурални трикови – надевајќи се дека неонацистите ќе поминат добро на следните избори. Овие очекувања не се исполнија. „Обвинетитесе политички губитници и сега не можат да се повикаат на никаков имунитет," вели Георгијаду.

Кавга за ЕУ-мандати

Впрочем „Златна зора“ на европските избори во мај имаше успех и во Брисел ќе испрати двајца пратеници. Најистакнатиот новодојденец е Јоанис Лагос, задолжен за работата на синдикатите, кој според обвинителството во Атина во најмала рака има поврзаност со убиството на левичарскиот активист Фисас. Уште недојден во Брисел, Лагос изненадувачки изјави дека истапува од партијата. Еден сопартиец побара од него да го врати манатот. Партискиот шеф Михалолиакос има дополнителни главоболки: неговиот поранешен сопартиец - европолотичар Елефтериос Синадинос го обвинува за непотизам и неправедни финансиски практики.

Зголемените спорови во партијата исто така укажуваат на крај на „“Златна зора“, смета политикологот Георгијаду. Сепак, партијата не треба целосно да се потцени. „Во Грција десните екстремисти се редовна публика, која варира околу седум проценти. Дали овие гласачи засекогаш ќе ѝ свртат грб на ‘Златна зора’ или не, не зависи само од тоа колку убедливо ќе настапат другите народни партии."