1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зиддојче цајтунг: Србија и Бугарија му вртат грб на Путин

Обработка: Јасмина Розе
19 мај 2022

ЈИЕ се оддалечува од Путин. Србија и Бугарија имаат блиски врски со Русија. Но, тоа се менува. „Вучиќ не покажува поддршка за Додиковите игри за отцепување - не сака да остане без пари од ЕУ“, пишува Зиддојче цајтунг.

https://p.dw.com/p/4BYHf
Serbien Staatsbesuch Putin
Фотографија: picture-alliance/TASS/M. Metzel

Малку недостигаше за Кристијан Шмит, висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, да биде повторно спречен да го поднесе својот извештај „за загрижувачката ситуација во земјата и сѐ почестите обиди за дестабилизација од страна на раководството на босанските Срби, со поддршка на Москва“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Минатата среда Москва повторно сакаше да го спречи тоа, но за таков предлог немаше мнозинство меѓу останатите членки на Советот за безбедност. „Шмит доби збор и овојпат можеше да ги изнесе своите сознанија дека 'уставниот поредок на БиХ е загрозен'“, на пример со плановите на Република Српска да воспостави сопствена даночна управа, правосудство и сопствена војска. Гледано на долги патеки, тоа де факто би требало да доведе до отцепување и, како што стравуваат многу набљудувачи, повторно да отвори крвави рани во регионот. „Дејтонскиот договор ќе се брани одлучно“, рече Шмит: „Нема да седиме мирно и да гледаме како други уништуваат 26 години мир, стабилност и напредок“, го цитира „Зиддојче цајтунг“ високиот претставник во БиХ.

Германскиот весник укажува дека Шмит добил бројни зборови на одобрување во ОН од присутните претставници на други земји - освен Русија и Кина, а дури и претставникот на Србија го признал територијалниот интегритет на соседната земја. „Толку многу единство ретко се покажува во однос на БиХ. Милорад Додик, водечки политичар на босанските Срби, е еден од последните доверливи сојузници на Кремљ во Југоисточна Европа. Прашање е колку Додик навистина може да постигне со своите провокации. Претседателот на соседна Србија, Александар Вучиќ, е еден од неговите најважни партнери во регионот. „Но, Вучиќ, во најмала рака нанадвор, не покажува поддршка за игрите на Додик за отцепување, веројатно и затоа што знае дека со тоа значително би ја ослабнал сопствената позиција во Европа“.

Christian Schmidt
„Дејтонскиот договор ќе се брани одлучно“, вели ШмитФотографија: Elman Omic/AA/picture alliance

Одот по жица станува сѐ поделикатен за Вучиќ

Вучиќ, чија влада веќе долго време спроведува политика на „клацкалка помеѓу Западот и Истокот“, продолжува авторот на текстот, и натаму одбива да се приклучи на европските санкции против Русија. Од друга страна, земјата гласаше за резолуција на ОН со која се осудува инвазијата на Украина. „За Вучиќ, одењето по жица станува сè поделикатно: тој веќе долго време одржува посебен однос со рускиот претседател Путин, кој го снабдува со гас и го поддржува во спречувањето на меѓународното признавање на поранешната српска покраина Косово како суверена држава.“

Германскиот весник констатира и дека традиционалното проруско расположение во српските медиуми кои се блиски до владата, неодамна се промени - откако Путин, за време на неодамнешната посета на лидерот на ОН, Антонио Гутереш на Москва, ги истакна наводните сличности меѓу сепаратистичките области во источна Украина и Косово. Оваа, од српска гледна точка, невозможна споредба, го чинеше Путин голема загуба на симпатиите. Тоа на Вучиќ му го „олеснува внатрешнополитичкото свртување кон ЕУ“.

Russland | Treffen UN-Generalsekretär Antonio Guterres und Wladimir Putin in Moskau
Анотнио Гутереш во Москва беше на крајот на април годинава Фотографија: Vladimir Astapkovich/AFP

Весникот додава дека во понеделникот Вучиќ рече дека ќе се воздржи од воведување санкции кон Русија „што е можно подолго“. Сепак, очигледно е дека Србија поради ваквиот курс губи многу пари од западните инвеститори, се оценува во текстот, и се додава дека непосредно потоа министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ и претседателот на српскиот парламент Ивица Дачиќ јавно се изјасниле за влез во ЕУ.

И Бугарија ѝ врти грб на Москва

Дека вртењето грб на Москва не мора нужно да води до пропаст покажува и примерот со соседна Бугарија, која до неодамна важеше за најблизок сојузник на Русија во ЕУ, наведува натаму „Зиддојче цајтунг“ и укажува дека владата на премиерот Кирил Петков ја прекинала таа традиција, му се спротивставила на Кремљ, за што е казнета со затворање на славината за гас од Русија. Но, „Бугарија знае како да си помогне: сега сѐ повеќе купува гас преку Грција; долго планираниот гасовод меѓу двете земји се довршува со голема брзина. Бугарија може да добие големи количества од овој енергенс од Азербејџан, а исто така и од САД“, пишува весникот.

- повеќе: „Петтата колона“ на Русија во Бугарија

Авторот на текстот на крајот повторно се навраќа на БиХ и укажува дека Москва во ноември би можела „повторно да одбие согласност“ за продолжување на мисијата Алтеа на ЕУФОР во БиХ. „Во врска со тоа во Вашингтон и Брисел веќе се прават сценарија, а едно од нив би било трупите ЕУФОР да се заменат со трупи на НАТО“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.