1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зиддојче цајтунг: Меркел рекла „не“ за брз датум за РСМ

ЕМФ
7 јуни 2019

Германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Северна Македонија за приклучување во Унијата, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“.

https://p.dw.com/p/3K0cs
Angela Merkel
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Повикувајќи се на свои неименувани извори, германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ денеска пишува дека на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, германската канцеларка Ангела Меркел ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во Европската унија е можно да се донесе „најрано во октомври“.

„Со тоа, канцеларката застана јасно наспроти својот коалициски партнер - СПД, која се залага за гласање (за датумот, н.з.) во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер (во германското МНР, н.з.) Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на 'отворни уши' кај ЦДУ и ЦСУ. Македонија постигна согласност со Грција за промена на името, меѓу другото и за да го отвори патот за преговори за приклучување во ЕУ“, пишува денеска влијателниот „Зиддојче цајтунг“.

Евроинтеграцијата на Северна Македонија вчера предизвика жестока полемика и на пленарната седница на Бундестагот, која всушност беше посветена на ратификацијата на протоколот за членство на РСМ во НАТО. Пратениците со мнозинство гласови се изјаснија за прием на РСМ во алијансата, но во дебатата се препукуваа околу датумот за преговори за приклучување во ЕУ.

„Мојот сомнеж е дека Канцлерамтот (канцеларијата на Меркел) и ЦДУ сакаат да ја одложуваат дебатата на оваа тема сѐ додека Нова Демократија не дојде на власт во Грција за да ја блокира Северна Македонија во ЕУ", рече пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин, потсетувајќи дека Европската комисија донела јасна препорака за почеток на преговорите. Критикувајќи ја таквата политика, Тритин праша дали некој сака Северна Македонија да влезе само во НАТО, но не и во ЕУ, и дали нејзините граѓани треба да се третираат како „Европејци од втора класа".

Повеќе: Кавга во Бундестагот околу ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија

На Тритин му реплицираше пратеницикот на ЦДУ, Кристијан Шмит, кој оцени дека ставовите на Тритин немаат „врска со реалноста", дополнувајќи дека „членството на Северна Македонија во НАТО е готова работа без оглед кој е на власт во Грција". Според Шмит, Северна Македонија и Албанија треба во пакет да ги започнат преговорите, но тој потенцираше дека Албанија во моментов се соочува со „одредени проблеми", поради што е потребно подолго време да се простудира извештајот на ЕК.