„Зидвест пресе“: Со Македонија владее криминална банда
14 април 2016Ако Македонците не сакаат веќе да бидат опивани од илузии, ќе знаат што треба да направат, се вели во коментарот на „Зидвест пресе“, кој ви го пренесуваме во продолжение:
„Она што во моментов се случува во Македонија го покажува меѓународното значење на малата балканска држава. ЕУ виде колку ѝ се мали можностите и во случајов гледа кон мрачна иднина. Со Македонија владее криминална банда. Состојба која европските политичари не ја негираат, но за што, од дипломатски причини, не зборуваат отворено.
За држави како Македонија да се водат на патот на демократијата и да се држат настрана од диктатура и етнички конфликти, ЕУ се потпира на својата привлечна сила и овде-онде - на малку пари. Двете работи веќе не функционираат. Рака на срце, мнозинството Македонци и натаму сака нивната земја да стане членка на ЕУ, но истовремено насетуваат дека освен нив, тоа никој не го сака - ниту нивната сопствена влада, а ниту ЕУ.
Македонија е речиси 11 години официјален кандидат, но преговори за приклучување сѐ уште не се почнати. Тоа на почетокот се должеше само на бизарниот спор со Грција за името. Меѓутоа, во меѓувреме има и други причини. Во лебдењето меѓу подготвеност за прием и одбивање од страна на Европа, елитите одлично си се сместија.
Ако Европа не сака 'да излезе мајмун', ќе мора веднаш да ѝ стави крај на гнилата магија на приклучувањето: посредството треба да се прекине, статусот на кандидат да се одземе. Ако измачените Македонци веќе не сакаат да бидат опивани од илузии, ќе знаат што треба да направат. На крајот народите се сепак помудри од циниците“, се вели во коментарот на „Зидвест пресе“ со наслов „Македонија: Од тигар на хартија до мајмун“.