1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зетот на Бин Ладен пред суд во Њујорк

АТ/ дпа/ афп/ртр/ап4 март 2014

Зетот на убиениот шеф Ал Каеда Осама Бин Ладен во САД одговара пред суд. Сулајман Абу Гаит е обвинет за заговор за убиство. Тој се смета за еден од водечките членови на терористичката мрежа.

https://p.dw.com/p/1BJH8
Фотографија: Reuters

Под строги безбедносни мерки зетот на убиениот шеф на Ал Каеда Осама Бин Ладен беше доведен во судницата во Њујорк. Се смета дека Сулајман Абу Гаит е висок член во хиерархијата на Ал Каеда и извесен период бил портпарол на терористичката мрежа. Тој е обвинет за заговор за убиство на граѓани на САД и поддршка за терористите по нападот од 11. септември 2001 година.

Поротниците се анонимни, заради нивна заштита

Доколку биде обвинет на Абу Гаит му се заканува доживотен затвор. 48-годишниот Абу Гаит, кој е со потекло од Кувајт, во предсослушувањата пледираше дека е невин. Судијата Луис Каплан процесот го започна со проверка на повеќето од 40-те кандидати за поротата, во смисол колку се тие погодни. Откако ќе бидат избрани 12 поротници, обвинителството и одбраната ќе ги одржат воведните зборови. За заштита на поротниците тие ќе бидат анонимни и ќе бидат именувани само со бројки. Процесот, во кој ќе бидат сослушани сведоци преку видео линк во Јемен и Велика Британија, би требало да трае три до четири недели.

Абу Гаит во септември 2001 година се појавуваше во пропагандните видеа со Бин Ладен и сегашниот шеф на Ал Каеда, Аиман ал-Завахири и повикуваше на напади во САД. Сопругот на ќерката на Бин Ладен, Фатима, во 2002 година работел за мрежата на Ал Каеда во Авганистан, пред да се префрли во Иран по американската воена интервенција на Хиндукуш.

Според обвинението, Абу Гаит бил еден од оние кои го подготвувале неуспешниот напад во декември 2001 врз авион од Париз кон Мајами.

За престојот на Абу Гаит во Иран е малку познато. Тој беше уапсен во хотел во Анкара пред една година, откако илегално влегол во Турција од Иран. Според медиумски информации, турските власти за тоа добиле укажување од американската тајна служба ЦИА.