Зеленски на фронтот во Луганск
6 јуни 2022Во фаза која се смета за одлучувача за борбите во Донбас, украинскиот претседател Володимир Зеленски замина во посета на овој регион на истокот на Украина. Според претседателскиот кабинет, Зеленски ги прегледал командните пунктови и позициите на фронтот во градот Лисичанск, кој од Северодоњецк, каде се водат тешки борби, е одделен со реката Сиверски Доњец. Зеленски вели дека сака да им се заблагодари на трупите за нивната извонредна работа и услуга во заштитата на сите во Украина. На видеата од посетите објавени од кабинетот на претседателот, се гледа како Зеленски разговара со војници во објекти кои наликуваат на бункери и како доделува одликувања. „Сите ја заслуживте победата - тоа е најважно. Но, не по секоја цена“, вели Зеленски во едно од видеата. Пред една недела, Зеленски веќе оствари слична посета на регионот Харков во североисточниот дел на земјата.
Британците јавуваат за контранапад во Северодоњецк
Северодоњецке последниот голем град во областа Луганск што Русија сè уште не го освоила. Декларираната цел на руските вооружени сили е да го заземат целиот регион Донбас, во кој припаѓа и регионот Доњецк.
Британското Министерство за одбрана известува за контраофанзива на украинската армија. Притоа, како што се вели од извори во Лондон, украинските сили веројатно ќе ја ослабнат оперативната динамика што руските вооружени сили претходно ја стекнаа со концентрирање на нивните единици и огнена моќ. Дел од руските војници распоредени во битката за Северодоњецк, меѓу другото, се и резерви на самопрогласена „Народна република Луганск“, соопшти британското Министерство за одбрана. Овие војници, како што се додава, се слабо опремени и обучени, и, во споредба со редовните единици, немаат тешко вооружување. Гувернерот на областа Луганск изјави дека украинските сили ги потиснале руските борци и ја вратиле контролата врз околу половина од градот.
Противречни извештаи за гранатирање во Киев
Од главниот град на Украина, Киев, доаѓаат информации за ново гранатирање. Украинската страна зборува за најтешко гранатирање во последните неколку недели. Погодена е и воена и цивилна инфраструктура, соопшти военото раководство во Киев.
Руската страна тврди дека уништила неколку тенкови Т-72, кои на Украина ѝ биле испорачани од Источна Европа, како и друга воена опрема, што биле сместена во фабрика за поправка на железнички вагони на периферијата на Киев. Шефот на железницата во Киев го демантира тоа. Тој вели дека паднале четири ракети, но тврди дека таму немало тенкови.
Кличко известува за експлозии
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на својот канал на Телеграм објави дека во градот имало експлозии. Досега има едно повредено лице кое се лекува во болница, рече Кличко. Советник на претседателот Володимир Зеленски изјави дека биле погодени населбите Дарнизја и Дњепар, а притоа биле погодени и објекти на железницата. Според украинските власти, погодено било и предградието Бровари, кое веќе неколкупати е гранатирано.
Путин се заканува со нови напади
Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе нападне нови цели доколку САД почнат да ѝ испорачуваат на Украина ракети со долг дострел. „Доколку испорачаат, тогаш ќе извлечеме соодветни заклучоци и ќе ги искористиме нашите средства за уништување, од кои имаме доволно, за да им нанесеме удари на оние објекти кои досега не сме ги нападнале“, изјави Путин за државната телевизија Росија 1.
- повеќе: Уште колку ќе трае војната во Украина?
Според на шефот на Кремљ, западните испораки на оружје имаат за цел да го продолжат конфликтот во Украина што е можно повеќе. Околу испораката на најсовремените ракетни фрлачи Химар, најавена од САД, Путин покажува смиреност и вели дека украинските вооружени сили веќе имаат во употреба такви системи од руско производствоџ, па американските испораки би го замениле уништеното оружје. Руската противвоздушна одбрана, рече Путин, досега уништила голем дел од борбените беспилотни летала во Украина.