1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски до Бундестагот: Ве молиме, помогнете ни!

ЕМФ | агенции
17 март 2022

Помеѓу зборовите на благодарнoст и молба за поддршка, украинскиот претседател Зеленски денеска во видео обраќање до Бундестагот ѝ префрли на Германија дека не направила доволно за спречување на војната.

https://p.dw.com/p/48cEk
Deutschland Bundestag | Rede Wolodymyr Selenskyj
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Во обраќањето до германските пратеници, украинскиот претседател Володимир Зеленски со мирен тон ја опиша ситуацијата во својата земја, која беше нападната од страна на Русија пред три недели. Зеленски упати и критики на сметка на Германија за нејзиното долгогодишно непреземање мерки против Русија. Со тоа, Германија, како што вели Зеленски, помогнала да се создаде ѕид за изолација на Украина: „Вие сте од нас одделени со еден вид ѕид. Тоа е ѕид помеѓу слободата и неслободата и тој ѕид е поголем со секоја бомба која паѓа на украинска почва“, рече Зеленски, прашувајќи: „Како е тоа можно?“

Украинскиот претседател оцени дека Германија не направила доволно за спречување на војната, на пример преку ограничување на економските врски со Русија. „Ние постојано ви се обраќавме и велевме 'овој Северен тек, сето тоа е подготовка за војна'.“ Друг пример кој го наведе Зеленски е одбивањето на Западот да ја примиУкраина во НАТО. Помошта и санкциите сега доаѓаат предоцна за неговата земја, вели Зеленски: „Русија ги бомбардира нашите градови и уништува сѐ што е таму: станбени згради, болници, училишта, цркви, сѐ, со ракети, бомби, артилерија. За три недели загинаа многу Украинци, илјадници. Окупаторите убија 108 деца, среде Европа, кај нас, во годината 2022-ра“, рече украинскиот претседател, додавајќи: „Повторно се прават обиди за уништување на цел еден народ во Европа.“

Deutschland Bundestag | Rede Wolodymyr Selenskyj
Германските пратеници го поздравија украинскиот претседател Володимир Зеленски со стоечки аплауз Фотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Апел до Олаф Шолц

Зеленски речиси резигнирано повлече паралели меѓу сегашната ситуација и нацистичка Германија пред повеќе од 80 години. „80 години по крајот на Втората светска војна, политичарите секоја година ги повторуваат зборовите 'никогаш повеќе'. И сега гледаме дека овие зборови се безвредни.“

И покрај критиките, Зеленски изрази голема благодарност за дадената помош, но побара поголема поддршка. Народот на Украина сака да живее слободно и да не се потчинува на друга земја, потенцираше Зеленски, кој на крајот од својот десетминутен говор, упати апел до канцеларот Олаф Шолц: „Урнете го овој ѕид, поддржете нè. Помогнете ни да ја запреме оваа војна“. 

Седницата на парламентот почна со мало задоцнување. Имало технички пролеми поради тоа што во Киев „имало напад во непосредна близина“, информираше потпретседателката на Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт. Во моментот кога Зеленски се појави на видеобимот во пленарната сала на германскиот парламент, беше поздравен со долг стоечки аплауз од пратениците.

- повеќе: Путин, Зеленски и германскиот Бундестаг

Без дебата по обраќањето на Зеленски

По видео обраќањето на украинскиот претседател Зеленски, партиите од владеачката коалиција во Германија - СПД, Зелени и ФДП, одби дебата во парламентот за војната во Украина. Барањето на партиите на Унијата (ЦДУ-ЦСУ) за дебата доби поддршка само од пратениците на Левица и на деснопопулистичката АфД.

Шефто на пратеничката група на Унијата, Фридрих Мерц, во образложението на барањето за дебата објасни дека три недели по првата владина изјава на канцеларот Шолцоколу војната во Украина, треба да се види „каде сме, дали постапивме правилно, има ли можеби одлуки кои треба да се коригираат“.