Зеленски бара директна средба со Путин
14 март 2022Една од најважните задачи во текот на преговорите помеѓу Украина и Русија е организација на средба на претседателите на двете држави, смета украинскиот лидер Володимир Зеленски. „Нашата делегација има јасна задача - да стори сѐ за да се одржи средба на двајцата претседатели“, изјави Зеленски во видео обраќање во текот на изминатата ноќ. Тоа е средба на која сите чекаат, смета тој и додава дека тој пат е тежок, но неопходен за да се добијат ефикасни гаранции. Украина постојано укажува дека Путин ги носи сите конечни одлуки.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, вчера (13.03) не исклучи можност за средба на Путин и Зеленски. Но, како што рече Песков за руската телевизија, би морало да се разбере што е целта на таква една средба и што таму би се разговарало.
- повеќе: Руските тенкови во кал „до гуша“- дали Распутица го менува текот на војната во Украина?
Преговарачките делегации на Украина и Русија во текот на викендот изразија воздржан оптимизам околу преговорите. Советникот на украинскиот претседател Зелкенски, Михајло Подољак, оцени дека Русија преговара поконструктивно отколку досега. Рускиот преговарач Леонид Слуцки, како што јави агенцијата РИА, смета дека двете делегации наскоро би можеле да дојдат до заедничка позиција и дека од почетокот на преговорите е направен супстанцијален напредок. За денеска се планирани разговори на преговарачките делегации во онлајн-формат.