Зелено светло за патарина во Германија
31 март 2017По повеќегодишно спорење, отворен е патот за воведување патарина за автомобили на германските автопатишта. Бундесратот го одобри законскиот пакет, поминат и во Бундестагот, со кој Европската комисија треба да даде зелено светло за „инфраструктурна такса“.
Сојузниот министер за сообраќај Александер Добринт веќе може да ги почне првите чекори во реализацијата на досега стопираното воведување патарина. Овој централен проект на Христијанско-социјалната унија во црно-црвената коалиција беше договорен уште во 2015. година, но отворањето постапка против Германија од страна на Брисел, поради кршење на европското право, го стопираше спроведувањето на законите. Централен камен на сопнување беше критиката дека патарината ќе значи дискриминација на возачите од странство, со оглед што на домашните возачи вкупните трошоци за патарина ќе им бидат компензирани преку намалениот данок за автомобили. Добринт во декември 2016. година се спогоди со ЕК да се изврши промена на моделот на плаќање патарина. Бараните измени се содржани во законот кој сега го усвои Бундесратот.
Конкретно, цените за тарифите за возачите кои во земјата ќе престојуваат пократок период ќе бидат подиференцирани. Меѓутоа, и натаму постои двојба во поглед на реалноста на планираните приходи од 500 милиони евра годишно и компатибилноста на патарината со европското право. Плаќањето патарина треба да стартува дури во 2019. година.
Бундесратот не ја прифати препораката на надлежните комисии за формирање заедничка посредничка комисија со Бундестагот за „пеглање“ на дилемите, зашто тоа би значело пролонгирање на постапката. Барањата на сојузните покраини за ослободување од плаќање патарина на автопатиштата во пограничните региони, владата ги отфрли. Министерот Добринт вети, по завршувањето на постапката за донесување на законот, да распише европски тендер за водење на системот на патарина.