„Зелено светло“ за Модерна - втората вакцина во ЕУ
6 јануари 2021Вакцината на американската фирма Модерна е втора која доби условено одобрениеод Европската агенција за лекови за користење во ЕУ во сузбивањето на вирусот САРС-КоВ-2, а согласноста на Европската комисија се смета за сигурна. ЕМА, на притисок од земјите од Европската унија, значително ја забрза постапката на проверка на вакцината.
Серумот на Модерна има слично дејство како веќе одобрената вакцина на германската фирма Бионтек и нејзиниот американски партнер Фајзер, но ја има логистичката предност што може да се складира на температура од минус 20 степени наместо минус 70 степени Целзиусови.
Двете одобрени вакцини се т.н. мРНК вакцини, содржат код на вирусниот антиген кој кај организмот предизвикува имунолошки одговор. Клиничките студии потврдија ефикасност на вакцината на Модерна од околу 95 %, а таа од 21 декември веќе се користи во САД, како и во Канада.
ЕУ има извршено порачка кај Модерна од 160 милиони дози вакцина.
Германија ќе добие натпропорционален удел од 50 милиони дози од порачаниот контингент, соопшти претставник на германското министерство за здравство. Причината е што одделни земји од ЕУ не сакале да добијат вакцина од Модерна, со што се зголемува германскиот удел.