Зелените против мисијата на Бундесверот во Авганистан
16 септември 2007Делегатите ги повикаа претставниците на оваа партија во Бундестагот, да гласаат против иницијативата. Една од главните спорни точки беше ангажманот на авионите од типот Торнадо, што го истакна еден од делегатите, Нилс Вихман
"Се залагам за повлекување на авионите Торнадо од Авганистан, бидејќи со нивното ангажирање не е исклучено дека Германија учествува во фаталните воени акции на американските сили во Авганистан а во кои страдаат цивили“
Делегатите кои беа за продолжување на мисијата на Торнадата беа исвиркани. Голем дел од делегатите сметаа дека е исправен ангажманот на 3000 војници на Бундесверот во цивилната обнова на северниот дел на Авганистан. Меѓутоа на конгресот не се гласаше одвоено за воениот и цивилниот мандат на Бундесверот.
Сојузниот парламент во текот на месецов треба да гласа за продолжување на мандатот како целина. Тоа е дилемата која ја истакна и Криста Загер, пратеник на Зелените во парламентот, која се заложи за продолжување на мисијата на авионите торнадо:
“ Дали имаме навистина сериозни намери кога е во прашање Авганистан? Или со отфрлувањето на мадатот на силите во рамки на ИСАФ ќе порачаме: Зелените сакаат да се извлечат од се`. Тоа не смее да биде сигнал од овој конгрес и ве молам тоа да го имате во вид“
Апелот остана без одек. Мнозинството на Конгресот се заложи за отфрлување на продолжувањето на мандатот на германските војници, со што демонстрираа длабок јаз меѓу партискиот врв и базата, која ги присили лидерите на свикување вонреден конгрес.
Беше одбиен и предлогот на партискиот врв, пратениците во парламентот да не бидат обврзани да гласаат согласно одлуките на конгресот на партијата. Претседателот на пратеничката група на зелените Фриц Кун беше изненаден од решението:
“ Многу пратеници од нашата партија тоа го сметаат за погрешно. Но делегатите така одлучија. Мораме да видиме како ќе настапиме, но повторувам, мислам дека е тоа погрешен став“
Синоќа во Берлин неколку илјади демонстранти протестираа и бараа повлекување на околу 3000 војници на Бундесверот, кои се стационирани во северниот дел на Авганистан. Либералите и Христијанско социјалната унија го критикуваат ставот на зеление. Сојузната канцеларка Ангела Меркел, во вчерашната видео порака се изјасни за продолжување на ангажманот на Бундесверот во Авганистан.