Зелените бараат поголем данок за богатите
27 ноември 2011Делегатите на конгресот на опозициската Партија на зелените во Кил со големо мнозинство прифатија цела палета од економски и финансиски реформи, која истовремено беше оценета како „истовремено социјално и еколошки ориентирана“. Зелените имаат намера доколку дојдат на власт со даночна стапка од 49 проценти за најбогатите во земјата и со данокот на богатство со ограничено важење да ја повратат делотворноста на државата и покраините и да се справат со големите задолжувања, беше истакнато на конгресот. На среден рок тие планираат повторно воведување на данокот на богатство, кој треба да биде во полза на презадолжените германски покраини.
Нова постапка за забрана на НПД
Партијата на зелените на средбата во Кил го потврди својот став за воведување државно гарантирана минимална плата од 8,50 евра за еден час работа.
Шефот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот Јирген Тритин резимираше дека програмата на Зелените предвидува штедење, намалување на субвенциите и подобрување на наплатата на државните давачки.
На крајот од конгресот Зелените по контроверзната дебата се изјаснија и за покренување на нова постапка за забрана на десноекстремистичката Националдемократска партија на Германија (НПД). Таа треба да започне кога за тоа ќе постојат услови, се вели во заклучокот усвоен на конгресот. Изгледите за успех на таквата постапка меѓутоа се ограничени, се’ додека е нејасно колку многу информанти има контраразузнувачката служба во редовите на десноекстремистичката партија, стои во заклучокот.
Делегатите на конгресот во рамките на темата „Jакнење на демократијата“ го усвоија и заклучокот кој предвидува младите постари од 16 години да можат да гласаат на избори. Актуелниот закон предвидува право на гласање по навршени 18 години.
Автор:СН/ЖА/дпа/дв
Редактор: Жана Ацеска