1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Збогум Диего Марадона

ДТЗ /ДВ
25 ноември 2020

На 60-годишна возраст почина фудбалскиот великан, „божјата рака“ од Аргентина, На почетокот на месецов му беше извршена операција поради крварење во мозокот. Лекарите тогаш рекоа дека интервенцијата била успешна.

https://p.dw.com/p/3lpXU
Diego Maradona File Photo
Фотографија: Martin Rickett/PA/picture alliance

Почина фудбалскиот великан на Аргентина, Диего Марадона на 60-годишна возраст, објави Аргентинскиот фудбалски сојуз. На напаѓачот, кој ја предводеше Аргентина до славата на Светското првенство во 1986 година, на почетокот на месецов му беше извршена операција поради крварење во мозокот. Лекарите тогаш рекоа дека интервенцијата била успешна.

Љубителите на фудбалот ширум светот го сметаат Марадона за еден од најголемите играчи во светот на фудбалот.

„Аргентинскиот фудбалски сојуз, преку својот претседател Клаудио Tапиа, ја изразува својата најдлабока тага за смртта на нашата легенда, Диего Армандо Марадона. Секогаш ќе бидеш во нашите срца“, се вели во соопштението. Во Аргентина е прогласена  тридневна жалост. 

Diego Maradona SSC Neapel
Марадона во дресот на Наполи каде остави најголем печат во клупската кариера. Фотографија: picture alliance / Mark Leech / Offside

Марадона исто така беше тренер на Аргентина од 2008-2010 година. Во неговата фудбалерска кариера ќе остане забележан успехот во шпанската Барселона и Наполи во Италија. „Засекогаш. Збогум Диего", напиша Наполи на Твитер. Барселона објави на Твитер: „Благодарам за сè, Диего“.

Екипата на Аргентина на Светското првенство во Мексико во 1986 година беше добра, но Марадона ја направи одлична. Тој речиси самостојно ги доведе и до втор триумф на Светскиот куп. Иако навивачите на Англија ќе ја запаметат неговата „божја рака“ во четврт-финалето, неговиот втор гол тој ден се памети како еден од најголемите досега, бидејќи претрча низ целиот тим на Англија пред да постигне гол.

[No title]

Во клупскиот фудбал, неговата магија во Наполи доведе до италијански домашни титули во 1987 и 1990 година - што сè уште се едни од најголемите успеси коишто ги постигнал клубот. Повеќе од 70.000 навивачи го пречекаа на стадионот Сан Паоло по неговиот пристигнување во Неапол. Му се поклонуваа како на светец. Медиумите пишуваат дека еднаш медицинска сестра украла примерок од неговата крв и ја однела во црква.

Но, Марадона имаше и лични проблеми. Тој беше исфрлен од Светското првенство во 1994 по позитивен тест за кокаин. Неговата битка со кокаинот беше добро позната, а имаше проблем и со тежината, која се зголемуваше како што старееше.

На почетокот на месецов беше примен во болницата во Ла Плата во Аргентина, бидејќи страдаше од анемија и лесна дехидратација. Потоа му беше откриено и крварење во мозокот.